17-ти декември, Меѓународен ден за борба против насилството врз сексуални работници

17-ти декември, Меѓународен ден за борба против насилството врз сексуални работници

По повод 17-ти декември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници, денес во центарот на Скопје беше организиран “Марш на црвениот чадор” кој претставува глобален симбол во борба против насилството врз сексуалните работници. Организатор на настанот беше Здружението на граѓани СТАР-СТАР од Скопје, чиј главен фокус се сексуалните работници и заложбата за еднакво уживање и почитување на нивните човекови права и слободи.

 

Група на граѓани, активисти, сексуални работници, стриптизети и нивни поддржувачи, денес во пладневните часови продефилираа со отворените црвени чадори по улица Македонија, во знак на солидарност на 48-те жртви (сексуални работнички) на убиецот од Грин Ривер. Активистичкото движење на црвените чадори имаше за цел да ја пренесе загрижувачката состојба за безбедноста и работните услови во кои што работат и сексуалните работници во Македонија. Со овој настан би сакале да ја информираме јавноста за големиот број на сексуални работници во Македонија. Тие постојат и не би требало да ги игнорираме и дискриминираме. Различноста во изборот на професија не треба да иницира ниту насилство, ниту стигматизирање на лицата кои имаат право на сопствен избор.

 

Овој настан исто така има за цел да се обрне внимание на криминалните дејства кои се вршат врз сексуалните работници. Тие се потполно незаштитени, жртви на секојдневно насилство, силувани, тепани и ограбувани, и обесхрабрени да го пријават истото притоа плашејќи се дека ќе бидат уапсени.

 

Првичната идеја за реализација на овој настан е на д-р Ени Спринкл, (борец за човекови права) а започнат од проектот за разбирање на сексуалните работнци во САД како спомен на немилиот настан во кој беа убиени 48 сексуални работнички, жртви на убиецот од Грин Ривер. Црвениот чадор за првпат беше искористен во Венеција во 2001 година во рамките на уметничката инсталација на словенскиот уметник Тадеј Погачар, дел од програмата на 49то-то Венециско биенале, каде што локалните сексуални работници и нивните поддржувачи со црвени чадори и мегафони маршираа по улиците на Венеција, укажувајќи на лошите услови во кои што работат и живеат.

 

Денес, на улица Македонија, сексуалните работници и нивните подржувачи ја побараа поддршката од оние од кои најмногу им е потребна, побараа нивните работнички права да бидат ставени на агендата на креирачите на политики, депенализација на сексуалната работа. Единствено само така ќе бидат охрабрени да го пријавуваат насилството и заеднички да им помогнат на органите на власта насилниците да бидат фатени и казнети. Само таквата соработа ќе придонесе во реализација на заложбата на сите граѓани на Република Македонија а тоа е СВЕТ без НАСИЛСТВО.

 

Црвените чадори денес ги споија сексуалните работници, активистите и нивните поддржувачи ширум светот, и заедно кажаа СТОП за насилството врз сексуалните работници. Црвената панделка има големо глобално значење, црвениот чадор би требало да го има истото.