Забраната на проституцијата во Франција ќе „загрози животи“

Забраната на проституцијата во Франција ќе „загрози животи“

Контроверзниот предлог од страна на француското законодавство насочен кон лицата што плаќаат за сексуални услуги ќе загрози животите на проститутките, изјавија организациите што ги застапуваат сексуалните работнички за Франција 24 оваа недела.

Кренатите раце во националното собрание во Париз во вторникот беа доволни за да лансираат потег кон криминализација на проституцијата.

Во следните денови се очекува да се претстави законот во парламентот според кој плаќањето за сексуални услуги ќе биде нелегално во Франција.

Предложени се казни во висина од 3.000 евра и казна затвор до шест месеци како казни соодветни за клиентите затечени како плаќаат за секс.

Но предложениот напад, којшто доаѓа како изненадување за многу набљудувачи со оглед на долгата историја на либерални ставови кон сексот во Франција, ги разлути организациите коишто ги застапуваат сексуалните работнички.

Според нив потегот со кој ќе се забрани актот честопати нарекуван „најстарата професија на светот“ ќе ги остави подложни на насилство.

„Француските закон-предлози се опасни и криминални. Искуството на сексуалните работници и поврзаното истражување покажува дека криминализацијата на клиентите ги води жените во илегала и во поголема опасност“, рече Сара Вокер од кацеларијата на Меѓународниот колектив на проститутки (International Prostitutes Collective) во Лондон.

„Скриени под маската дека прават добро, тие ја влошуваат ситуацијата“, таа додаде.

Морган Мертејл, генерален секретар на Штрас, унијата на сексуални работнички во Париз, се изјасни подеднакво против одлуката. „Сите закони кои досега беа донесени со цел да се заштитат жените беа во целост контра-продуктивни. Исто и со гласањето на националното собрание во вторникот“, изјави таа за Франција 24.

„Проститутките ќе бидат сокриени од организациите кои можат да им помогнат, како и од здравствените услуги и ќе бидат поподложни на насилство“.

„Принудени се да бараат заштита од макро“, објасни таа. Лансирајќи остар напад кон групите кои традиционално се спротиставуваат на проституцијата, таа рече: „Нашите клиенти покажуваат поголема почит кон нас отколку феминистички движења за аболиција.”

 

 

Оддалечување од остатокот од Европа

 

Предлог-законот, којшто доби поддршка од националното собрание, тврди Франција се стреми кон „општество без проституција“ и дека сексуалната работа „во никој случај не треба да се дефинира како професионална дејност“.

Конзервативниот став искажан од страна на овие политичари е сосем спротивен на времето на Наполеон кога проститутките во Франција поседуваа дозволи и земјата служеше како модел за регулирање на сексуалната трговија.

Законот исто така претставува оддалечување од ставот кон проституцијата на блиските соседи на Франција. Проституцијата во Германија е потполно легална од 2002 година. Таму беше изгласен закон според кој чинот на заработување пари од секс „не треба повеќе да се смета за неморално“.

Проституцијата исто така е легална во Холандија кадешто претставува успешна индустрија. Во Британија, плаќањето за сексуални услуги не е незаконско, но многу активности како што се проституирање, поседување на бордел и возењето крај тротоар во потрага по проститутки се.

Меѓутоа, полициските началници неодамна изјавија дека треба да се разгледат алтернативни, полиберални пристапи кон сексуалната трговија.

 

Полициски трик?

 

Дел од набљудувачите сметаат дека популарноста на гласањето од мината недела и неговиот тајминг се резултат на реакциите кон неколкуте секс скандали во кои беше замешан претседателот на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Штрос-Кан.

Штрос-Кан неодамна беше спомнат во истрагата на синџир на макроа кои оперирале во луксузни хотели во градот Лил.

Но, г-ѓа Вокер, од Меѓународниот колектив на протитутки, смета дека потегот е политички мотивиран. „Сакаат да бидат построги во законот и редот и криминалот“, рече таа. „Се работи за политичка трик поттикнат од престојните избори следната година“.

Таа додаде „француската популација е против ваквите предлози. Доколку бидат претставени пред владата, феминистките и другите кои ги промовираат ваквите морализаторски и репресивни закони ќе бидат одговорни за порастот на силувањето и насилството кон сексуалните работнички“.

Оние што се борат за укинување на проституцијата, што се наоѓаат на двете страни на политичкиот спектар, тврдат дека повеќето жени се жртви на тргувањето со луѓе и се принудени да работат во сексуалната трговија откако ќе пристигнат во земјата.

Парламентарецот Гај Гофрој, преставник на десничарско-централната партија УМП изјави дека законот претставува „значаен, симболичен и сериозен чекор“.

„Девет од десет проститутки се жртви на тргување со луѓе“, рече тој, повикувајќи се на извештај презентиран пред собранието во вторникот.

 

Преземено од: http://www.france24.com/en/20111207-banning-prostitution-france-will-endanger-lives-dominique-strauss-kahn