17 May Соопштение до медиуми
Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници’, денес, 17-ти мај, вторник, на плоштад Македонија (до книжара Култура, пред споменикот на Александар Македонски во изградба), а по повод Интернационалниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата, одржа прес конференција. Прес конференцијата беше истовремено придружена со изложба на отворено, ’Слики против хомофобијата’, која е дел од заедничкиот проект на Charles Meacham и Sarah Baxter – ’Чекори со гордост’. Изложбата симултано се одржува во 20-тина светски градови, вклучително и нејзино поставување во Европскиот парламент.
Како и минатата година, и оваа година во чест на ИДПХ (IDAHO), и годинава Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ доделува благодарници за особен придонес кон еднаквоста на сексуалните малцинства.
1. Благодарница за „геј-френдли“ пејач (без пружање рака) му доделуваме на Ламбе за изјавата: „Нема да дозволам да ми се пушти или да ми се приближи некој, ако се случи такво нешто, да ме допре некој, ќе остане без рака”.
2. Му доделуваме благодарница и на водителот Тони Михајловски – „Скенерот“, за неговата моќ на препознавање геј и стрејт филмови како и геј и стрејт балади на „Македонски идол“.
3. Благодарница за апликација на современите квир политички стратегии и најангажирана фото-сторија со наслов „Ороспии со гордост“ му доделуваме на „Вечер“.
4. Благодарница за најдобра колумна во која ја брани „каузата државата да ги партиципира операциите за промена на полот“ му доделуваме на Јанко Илковски, за колумната „Лепа Брена мења пол“.
Годинава, на МПЦ решивме да и доделиме неколку благодарници:
Прво, заради иницијативата на МПЦ уставно да се забранат хомосексуални бракови, со која демонстрираше дека е во противуставен брак со владејачката партија.
Второ, му доделуваме посебна благодарница и на г-дин Стефан не само за неговите заложби „да се згрижат хомосексуалците“ туку и за неговата православна теорија на еволуцијата, според која Господ не создал човек од „два машки мајмуни или два женски мајмуни“.
Трето, на сите свештеници и монаси од МПЦ им доделуваме благодарница за нивните секојдневни активности за промоција на традиционалното македонско многудетно семејство, не само со зборови, туку и со дела.
Уште еднаш, на сите споменати им благодариме. Без вашиот придонес, Македонија немаше да успее да го допре дното од листата европски земји во однос на почитувањето на еднаквоста кон ЛГБТ-луѓето. Ви благодариме, оти без вашиот придонес, немаше зад нас да бидат само Молдова, Белорусија и Украина.
Секоја година, на 17-ти мај, Интернационалниот ден против хомофобија и трансфобија ги потсетува граѓаните во целиот свет дека постои сеуште голема потреба за преземање акција. Во повеќе од 80 земји во светот истополовите сексуални акти сеуште се нелегални, а во одредени ситуации истите се казнуваат и со смртна казна и доживотен затвор. Во земјите во кои хомосексуалноста е нелегална дискриминацијата и физичкото насилство се сеуште чести и загрижувачки појави. Иако во некои земји во светот се забележува значителен прогрес, сепак истиот е постојано под закана.
Од почетокот на годинава во Македонија стапи во сила и новодонесениот Закон за спречување и заштита од дискриминација, закон кој ја исклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за забрана на дискриминација. И покрај овој легалистички акт, во Македонија сеуште е сериозно изразено отсуството на афирмативна и позитивна политичка атмосфера и свесност за почитување на сексуалните и човековите разлики, како и за борбата против насилството и дискриминацијата кои се случуваат врз основа на истите.
Истиот настан, со вечерна програма, со почеток во 19.30ч, во клубот ГЕМ, ќе биде збогатен со проекција на филмот ’Оттаде розевата завеса’, дискусија на тема ’Национализам, хомофобија и насилство’, настап на хорот Распеани скопјани, како и поставување на изложбата.