27 Nov Голиот антрополог Лора Агустин тврди дека движењето против ропство им наштетува на сексуалните работници
Чарли Смит, Џорџа Стрејт (The Georgia Straight), 24.11.2011
Авторка и научник која себеси се нарекува Голиот антрополог ја спореди актуелната клима против трговијата со луѓе со паниката која се крена против белото робје при крајот на XIX век. Лора Агустин, авторка на Sex at the Margins: Migration, Labour Markets and the Rescue Industry (Zed Books, 2007), изјави телефонски за Georgia Straight дека во првиот случај се крена прашина околу тоа дали белите жени и Еврејките коишто се преселуваат во Њујорк или Буенос Аирес, Аргентина се продавани како робје.
Иако не го употреби зборот „паника“ за да ја опише актуелната ситуација („се трудам да ги избегнувам ваквите етикети“, рече), Агустин укажа на распространетото „движење за спас“, предводено од владите и Обединетите нации, коешто цели кон карактеризација на низа прашања- миграција на сексуалните работници, деца-работници кои доаѓаат од прекуокеански земји и лица кои плаќаат огромни суми за да имигрираат – како „ропство“. Употребата на ваквата терминологија му овозможува на сè пораспространетото движење „против ропство“, во главно базирано во САД и Велика Британија, морално оправдување за отпочнување на програми за забрана во рамките на движењето за меѓународна правда.
„Мислам дека никој не се грижи за жените или сексот“, тврди Агустин од хотелска соба во Торонто. „Се работи за високо финансирана работа поврзана со организираниот криминал… мажи во владата кои се загрозени од други мажи кои не со-учествуваат и живеат во паралелни општества. Котира во културната стратосфера заедно со тероризмот.
Агустин, активист за правата на сексуалните работници со седиште во Шведска, има докторирано на „Отворениот универзитет“ (The Open University) во Велика Британија. Според неа, зборовите како што се „трговија со луѓе“ официјално влегоа во вокабуларот во 2003 и 2004 година. Сега, таа тврди дека јазикот се менува со цел да се нагласи ропството. Таа отворено го карактеризира ова движење како колонијална иницијатива.
„Протагонистите за укинување на ропството се истите Англо-саксонци од XIX век, па така амбасадорот на владата на САД против трговија се повика на (британскиот крстоносец против ропство) Вилјам Вајлберфорс во тврдењето дека САД и Велика Британија се на специјална мисија за спас на луѓето во другите земји“, рече Агустин.
Повеќето немаат проблем со ова. Агустин, од друга страна, изјави дека проблемот со индустријата за спас, во која се вклучени многу невладини организации, е тоа што воопшто не се посветува внимание на изборите кои ги донесуваат луѓето за да го подобрат својот живот. При едно истражување за имиграцијата извршено во деведесетите години, таа поминала извесно време на еден карипски остров кадешто постоела долга традиција жените од островот да се преселуваа во Европа за да се занимуваат со една од две работи: да бидат слугинки или да продаваат сексуални услуги.
„Тие се трудеа да решат што сакаат да работат и внимателно ги разгледуваа двете можности“, рече таа.
Подоцна во Мадрид, Агустин вршела истражување за лицата кои им помагаат на имигрантите и ги сожалуваат. Рече дека овие спасители не ни помислувале на негативната страна за жените кои биле принудени да се откажат од проституцијата против сопствена волја. „Ги запрашав: зошто продавањето на секс не се смета за услуга?“
Одговорот, произлезен од нејзиното антрополошко истражување е дека индустријата за спас не постоела сè до издигнувањето на европската буржоазија. „Тие се позиционираа себеси како оние што најдобро знаат како да живеат и назначија одреден број на луѓе кои ќе ја преземат улогата на жртви“, рече таа. „А проститутките котираа високо на листата. Се дотогаш тие не се сметаа за жртви.“
Агустин го обвини Николас Кристоф од Њујорк Тајмс (New York Times) дека си дозволил да заземе сличен став со тоа што го поддржал затворањето на бордели во земјите во развој, без притоа да се води сметка за овие работници. „Тој е флагрантен пример за бел човек којшто претпоставува дека прави добро, којшто претпоставува дека знае како треба да живеат другите луѓе“, тврди таа.