Комитетот за човекови права на ОН ги објави Завршните согледувања за Република Македонија [ПРЕС]

Комитетот за човекови права на ОН ги објави Завршните согледувања за Република Македонија [ПРЕС]

Комитетот за човекови права на Обединетите нации ги објави Завршните согледувања за Република Македонија за почитувањето и остварувањето на правата загарантирани со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.
По тој повод, денес во просториите на ЛГБТИ центарот од 11 часот беше одржан прес, на кој беа презентирани главните препораки на Комитетот до Македонија за прекршувањето на политичките и граѓанските права.

IMG_20150724_112017

Забелешките и препораките на Комитетот се однесуваат на 19 прашања меѓу кои процедуралните пречки за доброволен прекин на бременоста, негирање излез на Ромите од земјата, условите на мигрантите и барателите на азил, ограничувања на слободата на изразување и заштита од вознемирување и заплашување на новинарите, дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, прибегнување од страна на полицијата кон прекумерно насилство за да ги растера демонстрантите на 5 мај 2015 година и масовно следење на комуникациите.

Комитетот, помеѓу останатото, е загрижен  за предоминантното постоење на предрасуди и стереотипи против ЛГБТИ луѓето, а во согледувањата, посебно го потенцира проблемот со насилството врз ЛГБТИ луѓето и недостатокот на ефикасна истрага и обвинение.

Наташа Бошкова од Коалицијата Сексуални и здравствени права за маргинализирани заедници истакна дека за време на дијалогот со македонската делегација во Женева, државата не даде конкретни одговори за насилствата од омраза кон ЛГБТИ луѓето, говорот на омраза и нападите врз ЛГБТИ Центарот за поддршка и активистите за ЛГБТИ правата. Поради ова, Комитетот дава препорака на државата да го дополни Законот за спречување и заштита од дискриминација со експлицитна забрана за дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Според Комитетот, државата мора да ги засили напорите во борбата против стереотипите и предрасудите против ЛГБТИ луѓето и да го санкционира секое насилство врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Целосното соопштение до медиумите може да го преземете тука, а англиската верзија на документот со препораките тука.
тука.