Извештајот на коалицијата за 2010 година

Извештајот на коалицијата за 2010 година

Промоција на “Годишен извештај за сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници во Р. Македонија 2010“
Коалицијата ’Сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници’ денес, 05.04, во 11.00 часот, во просториите на НВО Инфоцентар (Никола Тримпаре бр. 18 1/5) одржа прес конференција по  повод објавувањето на Годишниот извештај за ситуацијата со сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници.

Збор на прес конференцијата зедоа Славчо Димитров, Извршен директор на Коалицијата, Ирена Цветковиќ, Координаторка на Коалицијата  и Жарко Трајаноски, експерт за човекови права и автор на Извештајот.

Годишниот извештај е произлезен во согласност со една од долгорочните стратешки цели на Коалицијата, односно да врши постојано мониторирање, документирање и известување за состојбата со сексуалните и здравствените права на припадниците на маргинализираните групи, како што се лезбејките, гејевите, бисексуалците и трансродните лица, мажите кои имаат секс со мажи, корисниците на дроги, сексуалните работници/чки и лицата со ХИВ/СИДА. Како резултат на едногодишниот процес на мониторирање, Коалицијата документираше 40-тина случаи во кои се индицираат кршења на сексуалните права и здравствените права на припадниците на маргинализираните групи.


Документирани се 14 случаи на дискриминација врз корисниците на дрога (КД), 11 случаи на дискриминација врз сексуалните работници/чки (СР), 1 случај на дискриминација врз ЛГБТ-лицата, 2 случаи на дискриминација на лица кои живеат со ХИВ/СИДА. Документирани се 11 случаи на насилство врз СР, 3 случаи на насилство врз ЛГБТ-лицата, 2 случаи на дискриминација на лица кои живеат со ХИВ/СИДА, што укажува на висок степен на корелацијата помеѓу насилството и дискриминацијата. Исто така, документирани се 6 случаи на неукажување на здравствена заштита на СР, 3 случаи на неукажување на здравствена заштита на КД, и 2 случаја на неукажување на здравствена заштита на лица кои живеат со ХИВ/СИДА.

Коалицијата во 2010 застапуваше повеќе случаи на флагрантно прекршување на човековите права, од кои можат да се извлечат повеќе заклучоци. Особено загрижувачки се случаите на неукажување на здравствена заштита и други повреди на правото на лекување на припадниците на маргинализираните групи, повреда на доверливост на медицинските информации, кршење на правото на приватност од страна на МВР, неовластени упади на МВР во здравствени установи каде се пружаат здравствени услуги на припадниците на маргинализираните групи, упади кои го загрозуваат правото на приватност на пациентите и кои ја намалуваат нивната доверба во здравствениот систем, обиди за дискредитација на активистите за човекови права од страна на властите и владејачките партии, и др.

Кај нас не постојат услови за спроведување на оперативен зафат за промена на пол, а лицата кои ќе се одлучат на таков медицински третман во странство, тука се соочуваат не само со бројни бирократски бариери, туку и со сензационалистички третман од страна на медиумите, со дискриминаторски пристап од страна на државните институции и медицицински лица, и со постојана опасност од психолошко и физичко насилство (вклучително и семејно насислство).

Сознанијата од овој првичен извештај се засновани не само врз документираните индивидуални случаи (кои беа пријавени кај членките од коалицијата, идентификувани од страна на мониторите или дознаени од медиумите), туку и врз постојаното следење на политиките и легислативата која  непосредно или посредно влијае на промоцијата, остварувањето и заштитата на сексуалните и здравствените права на припадниците на маргинализираните групи.

Централен настан во 2010 г. беше донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација Собраниската дебатата за законот беше искористена за хомофобична кампања предводена од пратеници на власта, а насочена кон опозицијата, кон здруженијата на граѓани кои се борат за правата на сексуалните малцинства, и кон нехетеросексуалците. Притоа, беа користени различни хомофобични стратегии за потценување и омаловажување на различните сексуални ориентации, за непочитување на достоинствотона припадниците на сексуалните малцинства, за непризнавање на нивното човеково право на заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација итн.

По хомофобичната дебата во врска со Законот за заштита и спречување од дискриминација беше прифатен амандман со кој беше редефинирано семејството како „како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и жена“. Кон крајот на 2010 бура во јавноста предизвикаа верските лидери со дискриминаторскиот говор и говорот на омраза кој се обиде да се маскира како „искрен дијалог“ за уставни измени со кои бракот би бил „уставно дефиниран како заедница на еден маж и една жена“.

Претседателот на Република Македонија, јавно не го осуди хомофобичниот говор и ја пропушти шансата да покаже дека е претседател на сите граѓани на Република Македонија, независно од нивната сексуална ориентација. На крајот на годината Владата започна медиумска анти-абортус кампања, која ќе биде исцрпно обработена во наредниот извештај за 2011.

Коалицијата изразува длабока загриженост поради хомофобичниот говор на омраза пред и за време на спортските натпревари, кој неретко доведува и до физичко насилство. Коалицијата апелира да прекине сензационалистичкото известување на деновите кога се одбележуваат правата на припадниците на маргинализираните групи и апелира да не се злоупотребуваат јавните кампањи за партиско-политички цели (на пр., кампањите за превенција од ХИВ/СИДА, кампањите во врска со абортусот, кампањите кои промовираат многудетни семејства, итн.) Коалицијата упатува апел до сите политички актери да престанат

со хомофобични и трансфобични кампањи, и да се обединат во заедничка кампања против хомофобијата и трансфобијата.

Документот во целост во македонска и англиска верзија можете да го превземете овде.