24 Dec Уметноста и културата ни се потребни за да не умреме од премногу вистина
Драги пријателки и пријатели, уметноста и културата ни се потребни за да не умреме од премногу вистина. Ние, драги пријатели/ки, денес, во овие мрачни времиња во кои живееме, во кои се бориме, и честопати талкаме, како да умираме полека, бавно и истоштувачки, од премногу вистина. Од една, единствена вистина. Оваа вистина, пријатели, е фабрикуваната вистина што ни ја сервира културата на железната рака на Партијата. Вистината која ни наредува да се гледаме на еден и единствен начин, да размислуваме со стерилните мапи на етно-национал културната Вистина на властодршците, да чекориме кон светот по една насилно истапкана патека, да доживуваме, да чувствуваме со еден, загушувачки банален нервен систем.
Вистината на владејачкото параноидно лудило, пријателк/и, продуцира култура на мртвило, на сенки, на камења, на лоша бронза. Оваа зомби култура го јаде нашето живо месо, нашите тела, нашиот живот. Оваа култура што ни ја продаваат додека не крадат, не е културата која извира од животот, од нашите проживеани социјални искуства, од нашето секојдневие, од нашето играње со градот. Вештачката култура на режимот фабрикува минато кое го бриши нашето проживеано минато, нашите спомени. Оваа култура ги фасадира нашите траги врз градот, нашите чекори по улиците, нашите љубови низ градските сокаци и паркови. Оваа култура е стерилна, фантомска култура. Таа не сака да слушне како дишат, како се смеат, како зборуваат, како се поздравуваат луѓето. Оваа култура ги закопува спомените на солидарност и на градење на модерноста, со кои се гордеевме, и на кои, со топлина во душа, сеуште скришум се присетуваме.
И тогаш кога велат дека градат историја, дека го комеморираат нашето заедничко минато, драги пријателк/и, не заборавајте дека тоа се лаги на оваа паланечка култура. Kултовите на паланечкава квазикултура се потврда дека тие го сакаат минатото единствено како потврда за својот идеолошки монопол во сегашноста. И токму поради тоа тие не го сакаат ни минатото, ни историјата. Тоа е драги мои паранојата на паланечкиот културен крт, тоа е дувлото од кое не можат да видат никаква иднина, никаква светлина. Ова божемно почитување кон хероите на минатото, е само слика на паланечкото самобендисано почитување на самите себе, алчно и себично. Овој паланечки крт не ги признава мртвите, бидејќи смета дека е надсмртен, надвремен и надграничен. Бидејќи не гледа иднина.
АЈДЕ да изградиме повторно култура, да создаваме уметност кои ќе говорат и ќе го рефлектираат секојдневниот живот на човекот, кои ќе извираат од крв и месо. Ајде да создаваме култура која ќе биде слика на животот, но слика која ќе ги претставува сите противречности, динамики, суровости, неправди, нееднаквости во животот, а со цел да ни отвори поинакви можни светови, поправедни, други светови. АЈДЕ да се избориме за култура која ќе не учи дека можеме да бидеме поинакви, дека животот врие со можности кои ја надминуваат парализирачката логика на затворот на овде и сега. АЈДЕ да му ја вратиме културата на живот, на нашата реална и материјална социјалност, затоа што таму врие промената!
Кога зборуваме, кога мислиме на уметност и култура, пријателк/и, мислиме на критика, на пракса, на дејствување кое стреми да си соголи насилните механизми на моќта, и со тоа да не отвори кон иднината и трансформацијата. Таа култура, пријатели, како да ја губиме полека. СЕ почесто сведочиме промоција и подршка на уметност која подсетува на грозоморните соучешниства на уметноста во историските тоталитарни искуства, на искуствата на контрола на уметноста под државното кормило. Наместо врисок во сеприсутниот тон на пропагадната машинерија, уметноста ни станува хор за рефрените на власта.
АЈДЕ да се избориме за создавање на култура и уметност кои ќе бидат критика, кои ќе му нанесат криза и ќе го извадат од колосек нормативниот свет во кој живееме, поредокот кој тврди дека е неуништив и зададен еднаш засекогаш. АЈДЕ да се бориме за уметност и култура кои ќе му нанесат шок на доминатниот политички режим, на навиките на сетилата, на начините на кои чувствуваме, на контролираните механизмите на перцепција и видливост, на режимски наштиманите капацитети за слушање на одредени работи, на врската помеѓу зборовите, сликите и нивните значења, на социјалните позиции во кои не приклештија. АЈДЕ да ја вратиме уметноста и културата кои ќе ни овозможат да му се смееме на лудилото и вистината на власта; АЈДЕ да создадеме уметност која ќе не разгневи пред сликите на страдање и неправда; која ќе не расплаче пред зборот на страдање во сегашноста, наместо пред сентименталните слики од фабрикуваното минато. АЈДЕ да создадеме повторно култура, за да се создадеме одново, поинаку!
Културата која го крпи овој франкенштајнски идентитет, драги пријатели и пријателки, да не дозволиме да не залажат, не ни гради споменици на идентитетот. Ова се споменици на тоталитарниот идентитет кој не познава разлика, кој ја гази другоста. Оваа култура не гледа ништо освен самата себе, не познава надвор. Затворена во своето лудило, оваа култура хомогенизира и ја поништува можност да гледаме плуралитет од култури, мноштво од идентитети, многубројност од начини на живеење и системи на верување. Свртени кон минатото се скаменивме, пријатели. Копајќи по корените се заплеткавме во корени, заборавивме како е да се живее над земја, во отвореното. Наместо културната историја да биде знак на промената во времето, знак за промените на идентитетот и неговата отвореност кон културните разлики, ние станавме заробеници на вештачкиот и наметнат идентитет.
Ова се споменици на стравот, кои го прават граѓанинот малечок, ништожен. Не само затоа што ги изградија со последната корка леб насилно земена од семејната трпеза, туку затоа што нивната функција е да ни покажат, секој ден кога ќе пројдеме низ плоштадаот за да ги платиме нашите сметки на банките, дека нашите животи сега и овде се минорни и безвредни пред мермерната величина на мегаломанските фантоми на минатото. И така во страв, сакаат да ни кажат да заборавиме на нашата сегашност, онаа која ја закопуваат, и на нашата иднина, онаа која ја помрачуваат. Да се тешиме со илузиите на божемната величина на нашето божемско минато. Наместо да воздигнува, да возвишува, да култивира, да негува, одгледува, развива, како што културата прави, оваа мегаломански параноидна култура, снижува, понижува, потчинува и нуди лажна утеха.
АЈДЕ мои сограѓани и сограѓанки да создадеме повторно култура во множина! Да создадеме простор во кој ќе дишат, ќе се почитуваат и негуваат, различните култури, различните идентитети! АЈДЕ да зачекориме врз главта на етно-националната култура! АЈДЕ да гледаме на културното наследство како на место на дијалог и размена помеѓу мноштво култури во тек, во промена, во развој! АЈДЕ да создадаме културни институции кои ќе понудат култура која не е сенка на национализмот! Културни институции кои ќе отворат простор за културите и идентитетит на другите етнички групи, на другите социјални класи и групи, на младите, на алтернативните, на малцинствата, на разликите!
Наместо удар на силите на животот во неговото цутење, наместо насилството на убавината на животот кој отвора мноштво видици, ние го трпиме насилството на узурпаторкиот монопол на Едната, божемски голема Вистина; насилството врз креативните сили на нашите животи. Големата вистина на фабрикуваната традиција ни го заморува погледот со досадната светлина на кичестиот кеј и дизнилендските фонтани; ни ги отупува мозоците со програмите на медиумските послушници; ги истоштува нашите тела кога шетаме низ градските улици; ни ја одзема меморијата; ни ги одзема друштвата, пријателите, ни ја одзема можноста да се собереме и дискутираме, да мислиме заеднички, да создаваме; затоа што ни го одзема јавниот простор, нашиот простор, заедничката арена на нашето постоење како граѓани. Ова вистина на културата што ни ја наметнаа, што не окупира сите нас и не држи како заложници ја сочинува сржта на тоталитарната логика што ги уредува нашите живот сега и овде.
АЈДЕ да се избориме за нашето човечко право на култура, на уметност. АЈДЕ да се избориме за можноста да изговораме повеќе вистини, да гледаме различни нешта, да чувствуваме на многу начини, да му придаваме различни значења на живот, да ја читаме историјата со различни очила. АЈДЕ да се избориме, заеднички, за култура која ќе и пркоси и ќе ја подрие оваа една и единствена Вистина. АЈДЕ да се бориме за нашиот живот и животот на нашите сограѓани.
Автор: Славчо Димитров