14 Nov По вчерашниот протест, се огласи Основното јавно обвинителство
По вчерашниот протест на ЛГБТИ активистите на кој тие по втор пат протестираа пред Јавното обвинителство барајќи истрага за повеќекратните насилни напади врз активностите на ЛГБТИ – Центарот за поддршка вклучувајчи го и минатомесечниот напад во „Дамар“, денеска беше објавено сооштение од страна на Основното јавно обвинителство.
„Надлежниот јавен обвинител изврши увид на лице место по пристигнатото известување за слученото, по што веднаш е формиран и предмет. Во насока на откривање на сторителите, обвинителството веднаш издаде Наредба за прибавување на снимки, како и за вршење на дополнителни оперативни проверки. Во склоп на истражните дејствија, обвинителството ги повикува сведоците заради земање на изјава и се врши препознавање на одредени лица кои се предходно посочени од страна на оштетените. За предходните настани во кои беа извршени напади на ЛГБТИ заедницата, обвинителството има издадено наредба кон Министерството за внатрешни работи за преземање на определни истражни дејствија со цел откривање на сторителите на кривичните дела“, се вели во соопштението.
За случајот реагираше и амбасадорот на САД во Македонија.
„Пред неколку недели беа нападнати поддржувачите на ЛГБТ центар во Скопје. Ги охрабруваме властите да спроведат истрага, да ги идентификуваат и да ги изнесат пред правдата одговорните за овој напад. Треба да испратиме јасен сигнал дека насилството никогаш не е начин за справување со разликите“ – изјави Пол Волерс во говорот во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.
На вчерашниот протест дел од активистите симболично лежеа во црни вреќи со цел да предупредат што би можело да се случи доколку се продложи со игнорирање на насилството врз ЛГБТ-заедницата во Македонија.