Изјава на лица кои живеат со ХИВ

Изјава на лица кои живеат со ХИВ

И денес, на 1 Декември 2010, Светскиот ден на борбата против СИДА, медиумите не ќе можат да направат јавно интервју со нас, лицата што живеат со ХИВ, поради нашиот основан страв да го откриеме својот личен идентитет. Затоа, го избравме овој начин да ги искажеме јавно нашите ставови во врска со потребите на нашата заедница.

На овој ден, најнапред сакаме да изразиме искрена благодарност до сите организации, здравствени институции – пред сè Клиниката за инфективни болести – како и поединци што работат на полето на ХИВ и СИДА и се залагаат за нашите права. Им искажуваме благодарност на Владата и Министерството за здравство за она што досега е остварено: се разговараше за внесување на лековите од антиретровирусната терапија на позитивната листа и е донесено решение во иднина државата да ги покрива трошоците за нашата терапија, која сè до крајот на оваа година ни беше достапна само благодарение на донациите на Глобалниот Фонд. Искрено го поздравуваме конечното донесување на законот против дискриминација, пред сè во делот што се однесува на забраната на дискриминација врз основа на здравствената состојба, но притоа будно ќе го следиме процесот на неговата примена, ставајќи акцент врз нашата заедница.

За жал, нашава порака мора да ги одбележи и оние состојби што се причина за наша голема загриженост.

Меѓу нив, како прво и најбитно, во земјава сè уште не е воспоставен интегриран државен систем за обезбедување на антиретровирусната терапија. Во нашиот случај, и најмало доцнење или прекин на терапијата може директно да ги загрози нашето здравје и успешноста на истата а со тоа и квалитетот и должината на нашиот живот;




Покрај медицинските работници кои со целосна посветеност се грижат за нашето здравје, и на кои сме им неизмерно благодарни, сè уште се случува да бидеме одбиени при потреба од здравствена грижа, вклучувајќи и најрутински здравствени услуги. Тоа, во извесни случаи, оди до дискриминирање при издавање на резултат поради нашиот статус на ХИВ-позитивни. Притоа, голем број официјални лица сè уште го сметаат ХИВ за вирус што се третира карантински, кое е резултат на слабата информираност на дел од здравствените работници.

Бележиме неколку случаи каде што лица со ХИВ позитивен стаус коишто се социјално необезбедени имаат проблем да добијат социјална помош, иако токму ним таа им е исклучително потребна;

И покрај законските рамки за заштита на интегритетот на личноста, не забележуваме поголема промена во начинот на известување за лицата што живеат со ХИВ: и денес нашиот здравствен статус може да биде откриен во медиумите, а како последица на тоа лицето да биде исклучено од средината;

И покрај воспоставената мрежа за доброволно и доверливо советување и тестирање за ХИВ, во Македонија сè уште се евидентираат случаи на присилно и мандаторно тестирање, и тестирање без согласност од лицето.

Иако бројот на овие лица во Македонија е релативно мал, тој не смее да се занемари. Недостатокот на политичка волја да се адресираат специфичните здравствени и социјални проблеми на овие лица исто така придонесува кон опстојување на постоечката стигма, дискриминација, стереотипи и предрасуди. Не можеме да очекуваме од обичниот македонски граѓанин да биде слободен од предрасуди доколку не постои соодветна волја кај најинформираните и одговорните.

Врз основа на овие согледувања, ние, лицата што живееме со ХИВ,
БАРАМЕ
– Систем за континуирано, редовно и навремено набавување на антиретровирусната терапија!  – Целосно спроведување и почитување на Законот за заштита на правата на пациентите!
– Вметнување на ХИВ-позитивниот статус како посебна основа за добивање социјална помош или друг вид социјална заштита во рамки на потзаконските акти и протоколи!
– Целосно прифаќање и применување на принципот на доброволно и доверливо тестирање за ХИВ, согласно националните протоколи на Министерството за здравство!
– Спроведување на јавна кампања од страна на Државата за намалување на стигмата и дискриминацијата кон носителите на ХИВ!

Исто така,
АПЕЛИРАМЕ
– при донесувањето одлуки да се земаат предвид потребите на лицата со ХИВ и да се применува интернационалниот ГИПА-принцип за нивна поголема вклученост во донесувањето одлуки и имплементирањето на програмите!
– медиумите да усвојат кодекс за начинот на известување во врска со ХИВ и СИДА!
– официјалните лица да бидат особено внимателни и добро информирани при давањето изјави во врска со овие прашања!    

Здравјето е состојба на комплетна физичка, ментална и социјална благосостојба и не значи само отсуство на болест или слабост. Здравствените права спаѓаат во рамки на човековите права веќе признаени во националните законодавства, меѓународните и други документи за човекови права. Тие го вклучуваат правото на сите лица на највисок можен стандард на здравје, вклучително и достапност до служби за здравствена заштита и здравствено образование. Одговорното практикување на човековите права бара сите лица да ги почитуваат правата на другите, па оттука и здравствените права на ЛЖХИВ.

А ние сме тука. Групата-претставник на нашата заедница ја нарековме Заедно посилни, поведени од намерата дека во иднина здружено, сплотено, во заедница и со сите оние што сакаат да нè поддржат, ќе се залагаме за достоинствен пристап до квалитетни здравствени и социјални услуги и ќе се спротиставиме на стигмата, дискриминацијата, отфрленоста. Во тоа лежи нашата надеж за остварување на она на коешто имаме право како и сите други: поквалитетен, подолг и достоинствен живот, зашто и ние сме дел од ова општество и како и сите други го даваме својот придонес во неговиот развој.