Светската здравствена организација повика на декриминализација на личната употреба на дроги

Светската здравствена организација повика на декриминализација на личната употреба на дроги

Во извештајот што Светската здравствена организација го објави во јули оваа година со насоки за превенција, дијагноза, лекување и нега на ХИВ/СИДА помеѓу клучните популации, јавно повика на декриминализација на личната употреба на дроги.

 

Врз основа на податоците од овој извештај, во 49 земји, ризикот од инфекција со ХИВ во просек е 22 пати поголем кај луѓето кои инјектираат дроги отколку кај општата популација. Се проценува дека 40% од новите инфекции со ХИВ во Источна Европа се случуваат помеѓу луѓето кои инјектираат дроги и нивните сексуални партнери.

 

Во многу од овие земји острите казни за поседување на мали количини на дрога за лична употреба, како и задолжителниот притвор како вид на „третман” на луѓето кои употребуваат дроги, претставуваат бариери во спроведување на ефективни и ефикасни интервенции за ХИВ/СИДА помеѓу корисниците на дрога. Голем број од нив се плашат да побараат здравствени услуги бидејќи се плашат од законски последици и остануваат надвор од опфатот на постоечките сервиси за ХИВ/СИДА и од здравствениот систем.

 

Затоа СЗО препорачува:

– Државите треба да работата на развивање политики и закони кои ќе го декриминализираат инјектирањето и другите начини на употреба на дрогите и со тоа да го намалат бројот на затвореници.

– Државите треба да работат кон развивање на политики и закони кои ја декриминализираат употребата на чисти игли и

шприцови (и постоењето на програмите за размена на опрема за инјектирање) и кои го легализираат лекувањето со супститут за луѓето кои се зависни од опијати.

– Државите треба да го забранат задолжителното лекување на луѓе кои користат и/ или инјектираат дрога.

 

Предлогот на СЗО се однесува исклучително на личната употреба на дроги, а никако не го опфаќа одгледувањето, производството и трговијата.

 

Во истиот извештај како пример на добра пракса е презентиран и случајот со Португалија, која заклучно со 2012 г., заедно со уште 20 земји во светот презема чекори за декриминализација на поседувањето и личната употреба на дрогите.

 

Португалија го промени своето законодавство поврзано со дроги во 2001 година, со што поседувањето на контролираните дроги стана “административен прекршок”, а оние кои ќе се фатат со дрога за лична употреба се испраќаат до таканаречениот „Одбор за разубедување” наместо да се казнуваат или испраќаат во затвор.

 

За да се испита влијанието на ваквите законски промени, спроведена е независна студија чиишто резултати покажуваат дека:

– бројот на корисници на дрога во програмите за лекување се зголемил од 23 654 во 1998 до 38 532 во 2008 година.

– помеѓу 2000 и 2008 година бројот на нови случаи на ХИВ помеѓу корисниците на дрога на годишно ниво се намалил од 907 на 267; ваквото намалување се припишува на проширување на услугите за намалување на штети.

– спротивно на предвидувањата, “големиот пораст” на употреба на дрога не се случил, наместо тоа, податоците покажуваат намалување на високоризичната (проблематичната) употреба на дроги, штетите поврзани со употребата на дрога и пренатрупаноста на казнено-правниот систем.

 

„Многу е тешко да се идентификува врската помеѓу декриминализацијата сама по себе и позитивните тенденции што ги видовме … се работи за целосен пакет. Најголем резултат е што овозможивме стигмата поврзана со зависноста од дроги да опадне, луѓето да почнат отворено да зборуваат и да бараат професионална помош без страв” – Др – Жоао Гулао, Архитект на португалската политика за дроги

 

Извор: ХОПС