Дојче Веле: Уставот ќе го контролира севкупниот семеен живот

Дојче Веле: Уставот ќе го контролира севкупниот семеен живот

Во неодамна објавена статија на интернет порталот на Дојче Веле на македонски јазик се вели дека со предвидените уставни измени, Македонија ќе стане единствена држава во Европа која вовела контрола врз целокупниот семеен живот, што според активистите за човекови права е во спротивност на практиката на Европскиот суд во Стразбур.

 

Во текстот се пренесува изјавата на актерот и граѓански активист, Петар Стојковиќ, кој вели: „Обидот за уставно дефинирање на (вон)брачната заедница го гледам единствено како злоупотреба на моќта и позицијата на мнозинството да се ограничат и ускратат правата на малцинствата, небаре е нормално едните ‘повеќе’ од другите да ги уживаат човековите права кои природно им припаѓаат на сите луѓе од моментот на нивното раѓање… Наместо креирање инклузивно општество, нашата влада континуирано практикува политики на исклучување и дискриминација“.

 

Стојковиќ смета дека признавањето на истополовите заедници како форма на семеен живот би значело нивна заштита според Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човекови права и Уставниот суд, пренесува Дојче Веле.

 

Во текстот се пренесува и изјавата на Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ – Центарот за поддршка, кој вели:

 

„Со амандманот за дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена, како и вториот став од амандманот кој ќе воведе регистрирање на вонбрачни заедници и дефинирање на сите можни заедници исклучиво само меѓу еден маж и една жена, Македонија ќе стане единствена држава во Европа која на овој начин се обидува да воведе контрола врз целокупниот семеен живот, што е спротивно и на практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур. На овој начин се нарушуваат правото на семеен живот, принципот на еднаквост на сите граѓани, принципот на праведност, владеењето на правото – гарантирани со Уставот на РМ, а со тоа и правото на заштита од дискрминација, како и другите права со кои се гарантира еднаквиот третман на сите граѓани. Со овие измени се нарушуваат и секуларната и граѓанската поставеност на уставниот поредок на РМ, заменувајќи го со традиција и систем на вредности кои се спротивни на уставниот поредок, дотолку што ги исклучуваат практиките на вклученост и правда кои се обезбедени низ таквата поставеност“.

 

Целиот текст можете да го прочитат на следниот линк.