Насилство – Во името на што?

Насилство – Во името на што?

stop the violenceКоалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници најостро реагира и ги осудува страшните и грозоморни настани кои се случија во среда на 27.09 во Сараево за време на отварањето на првиот Квир Сараево Фестивал како радикален израз на насилство и екстремен случај на прекршување на човековите права и принципите на етичност и хуманост.

 

На 29-ти септември, во Академијата за ликовни уметности во Сараево, Босна, во организација на НВО Udruženje Q беше отворен првиот воопшто Квир фестивал во Босна под мотото “okreni okvir“.

Oсновна цел на фестивалот беше промоција на разликите, еднаквост и борба против дискриминацијата на ЛГБТ луѓето и сите маргинализирани групи преку средствата на уметноста и културата.
Не само историски во смисла на неговата храброст да се случи за првпат, за жал, Квир фестивалот во Сараево беше обележан како историски и како резултат на згрозувачките и застрашувачки настани со коишто беше проследено отварањето.

Околу 150 протестанти пред Академијата опремени со камења, ножеви и пиштоли, во најголем број млади фудбалски навивачи, хулигани и припадници на муслиманската сектата Вехаби, најсурово и брутално ги нападнаа гостите на отварањето на фестивалот, во моментот кога излегуваа од Академијата.

Мотивацијата за нападот како што се изјасниле вехабистите е навредата на нивните чувства со фестивал од ваков вид кој се одржува во тек Рамазан месецот. Иако организаторите на фестивалот јавно се огласија дека тие немаат намера да навредат никого и дека целта е единствено да се искористат културата и уметноста за да се зголеми свесноста исход беше грозоморен. Најмалку осуммина тешко повредени, од кои шест лица се хоспитализирани со тешки повреди. Помеѓу повредените и новинари, странци и еден полицаец.

Луѓето биле насилно извлекувани од нивните возила и брутално претепани додека во позадина се пееле слогани со говор на омраза како “Алаху Акбар (Бог е најголем)“ и “Убијте ги педерите“. Многу поголема група на напаѓачи фрлале камења по луѓето коишто пристигнувале на отварањето на церемонијата. Сите овие луѓе биле најзастрашувачки напаѓани и претрпани со тешки повреди.

Еден млад човек бил толку силно удиран и му бил скршен носот, за да веднаш потоа злосторниците продолжат да го удираат со пиштол се додека не ја изгуби свеста. Уште неколку други луге се здобиле со повреди во главата, а еден човек и со внатрешно крварење.
Полицијата во минимален број, околу 15, не успела да се справи со напаѓачите, а нити пак презела некои посебни мерки за да ги спречи истите и да ги заштите присутните на Отварањето.
Овој ужасен настан беше материјализација на претходно неколкунеделното ширење на говор на омраза и хомофобија од страна на највлијателните босански медиуми, политичари, религиозни фанатици, националисти и блогери.

Домашните адреси на организаторите на фестивалот биле јавно објавени, по што следувале закани лично до истите. Само ден пред настанот Сараево бил преплавен со постери со цитати од Куранот обременети со говор на омраза против хомосексуалноста и постери кои цитираат истражување за хомосексуалноста од 1940 година, а преземено од Истражувачкиот Институт за Семејство. Истотото истражување истовремено било преведено и објавено на   Zdravodrustvo, веб страна направена само еден ден пред фестивалот, директно поттикнувајќи омраза и нетолеранција кон хомосексуалците.     

Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници ја повикува целокупната македонска јавност, медиумите, невладините организации, уметниците, културните работници и претставниците на власта јавно да ги осудат настаните во Сараево и да упатат јавен апел до Босанските власти и интернационалните претставници за јавно да ги осудат, истражат и обвинат нападите, заканите и сите видови на насилство врз хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите луѓе и сите други маргинализирани групи. Коалицијата јавно го покренува прашањето за нужноста од ревизија на традиционалните и доминантни вредности кои резултираат со омраза и насилство и повикува на поттикнување на јавна свест за еднаквоста, разликите и почитта кон сите луѓе без разлика на нивната сексуална ориентација, родов идентитет, пол, возраст, хендикеп, социјален статус, етничко и национално потекло, здравствен статус, политичко и верско убедување итн.

Истовремено го поставуваме прашањето за тоа кои животи и до кога ќе се сметаат за вредни за живеење. Кое насилство ќе го препознаваме како такво? Чии таги и љубови ќе бидат препознаени и признаени? И во крајна линија ако љубовта, Бог и етиката го исклучуваат насилството, тогаш во чие име можат да биде оправдано насилството од овој вид?