Влада на РМ: Нема место за ЛГБТИ луѓето во законот

Влада на РМ: Нема место за ЛГБТИ луѓето во законот

На 26-тата редовна сесија на Советот за човекови права на Обединетите Нации (UNHCR) каде се дискутираше за усвојување на универзалниот периодичен извештај за Република Македонија, македонската влада децидно ги одби препораките 101.42 и 101.43 кои се однесуваат на воведување експлицитна законска заштита на ЛГБТИ луѓето од дискриминација.

 

 

Претставникот на МНР, инаку директор на Директоратот за мултилатерални односи, Игор Џундев посочи дека усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) во 2010 година е доволно бидејќи, и покрај тоа што сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се наведени во него како основи за дискриминација, сепак листата на основи за дискриминација е отворена. Патем, како што реферираше Џундев, Комисијата за заштита од дискриминација претходно веќе постапувала по претставки за дискриминација врз основа на сексуална ориентација, па според тоа владата смета дека експлицитното внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во ЗСЗД е непотребно.

 

Субверзивен Фронт преку претставник на ИЛГА-Европа  имаше излагање во кое беше потенцирана ситуацијата со човековите права на ЛГБТИ заедницата во нашата земја и ја повика владата на Груевски да преземе конкретни мерки во контекст на подобрување на националната легислатива преку внесување  на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во ЗСЗД, како и дополнување на Кривичниот законик со злосторства од омраза и говор на омраза мотивирани од сексуална ориентација и родов идентитет. Воедно, Субверзивен Фронт апелираше да се воспостават перманентни програми за градење на капацитети на органите за спроведување на законот, особено на полициските службеници, и на институциите кои обезбедуваат здравствени и други социјални услуги, вклучувајќи ги оние кои се компетентни за семејно насилство.

 

Од невладината организација, исто така, порачаа дека владата мора да ги искористи сите правни средства за  да го исчисти јавниот дискурс од хомофобични и трансфобични изјави, но и да стави крај на неказнивоста на злосторствата од омраза и говорот на омраза насочени кон ЛГБТИ луѓето. Не изостана ниту препораката да се ревидираат учебниците и наставните програми со цел отстранување на условувањето на хомосексуалноста и бисексуалноста како болести или девијации. Субверзивен Фронт воедно посочи дека е потребно да се изврши обука и да се спроведат активности за подигнување на свеста за ЛГБТИ прашањата кај наставниот кадар и студентите, како и искористување на потенцијалот и информациите на невладините организации во имплементирањето на гореспоменатите активности.

 

Погледнете го во видеото од 26-тата редовна сесија на Советот за човекови права на ОН, одржана во петокот во Женева, а обраќањето на Субверзивен Фронт можете да го проследите од 25-тата минута.

 

Преземено од Womens Аlliance.