15 May Соопштение за медиуми
Член 3: Резиме на предлог промените за вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во Законот за спречување и заштита од дискриминација
Денес во ГЕМ Клубот Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Акција Здруженска и ФРИК одржаа прес конференција за промоција на Резимето на предлог промените за внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во Законот за спречување и заштита од дискриминација. Иницијативата за предлог измените е активност во рамките на Проектот “Член 3 -Солидарност и поддршка за подобрување на заштитата од дискриминација на ЛГБТИ заедницата” чија цел е вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи врз кои е забаранета дискриминацијата во Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Промена на Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе значи правно признавање на ЛГБТИ заедницата, што ќе допринесе до зголемена видливост на заедницата пред институциите и пред општата јавност, а со тоа и до поефикасна заштита од насилство и дискриминација. Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се еднакво битна карактеристика на личноста како расата, полот, етничката припадност, па според тоа е потребен еднаков третман на овие основи за дискриминација во законот.“ изјави Драгана Дрндаревска од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
Наташа Бошкова од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ истакна дека Република Македонија треба конечно да одговори на преземените обврски пред меѓународните институции и да ја внесе сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во законот. „Извештаите за прогресот на РМ кон ЕУ ја нагласуваат потребата од дополнување на антидискриминацискиот закон со вклучување на сексуалната ориентација како заштитен осноц. Исто така, во последниот извештај на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, Македонија доби препорака да ги вклучи секусалната ориентација и родовиот идентитет во Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во двата круга на Универзалното периодично разгледување на Македонија пред Советот за човкови права при ООН е нагласена обврската на државата да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законите“ изјави таа.
Уранија Пировска од Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија зборуваше за нужноста од ефикасна и ефективна заштита од дискриминација на ЛГБТИ заедницата. „Бројните напади на ЛГБТИ центарот за поддршка, нападите на активисти, постојаниот говор на омраза алармираат за потребата од заштита од дискриминација и насилство. Внесувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законот е прв чекор и основна мерка која законодавецот мора да ја превземе. Прашањето на заштитата на човековите права на ЛГБТИ заедницата, не е само излорано прашање на една маргинализирана заедница, туку е прашање на степенот на демократија во едно општество.“