Резултатот на Европа за човековите права на ЛГБТИ лицата останува просечен

Резултатот на Европа за човековите права на ЛГБТИ лицата останува просечен

2013-та беше година на проширување на контрастите за лезбејките, геј мажите, бисексуалците, транссексуалните и интерсексуалните луѓе во Европа, од брачната еднаквост и правното признавање на пол од една страна, кон нови форми на криминализација на ЛГБТИ луѓето преку ширење на анти-пропаганда закони.

 

Габи Калеја, ко-претседавач на извршниот одбор на ИЛГА Европа, рече:

 

„Изданието на Rainbow Europe пакетот за 2014-та година на ИЛГА Европа покажува дека додека човековите права на ЛГБТИ лицата несомнено се здобија со голема видливост ширум Европа, развојот во однос на вистински законски, политички и општествени промени значајно варира од една земја во друга, во голем дел во зависност од нивоата на општествено прифаќање, од политичкото лидерство и политичката волја, како и од јачината на граѓанското општество во дадена земја.“

 

Објавена со цел да го одбележи Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата (17 мај), мапата на Rainbow Europe дава преглед на позицијата на европските земји според неколку значајни одредници за ЛГБТИ еднаквост, додека Годишниот преглед на ситуацијата со човековите права во Европа во 2014-та, дава анализа на трендовите и осврт на клучните политички и општествени напредоци од земја во земја.

 

Мапата на Rainbow Europe – правна ситуација

 

Што се однесува до правната заштита на човековите права на ЛГБТИ лицата, постои постепен напредок во многу европски земји. Сепак, Европа, како целина, е далеку од гарантирање на целосно почитување на човековите права на ЛГБТИ лицата.

 

И навистина, мапата на Rainbow Europe за 2014-та година покажува дека европскиот просек на мерење на правната заштита е сè уште многу низок – само 36%. Просекот за државите – членки на ЕУ (46%) дури не ја достигнува ни средината. Ова кажува дека јазот помеѓу европските земји останува енормен и се движи помеѓу највисокиот резултат (82% – Велика Британија) и најнискиот од 6% (Русија). Најзагрижувачки е фактот што 34 од 49 европски земји (вклучувајќи и 14 ЕУ членки) се под ознаката за 50%.

 

Пауло Корте-Реал, ко-претседавач на извршниот одбор на ИЛГА Европа, вели:

 

„Ние дефинитивно гледаме подобрувања во неколку земји кои усвојуваат закони и јанви политики за да обезбедат права и заштита на ЛГБТИ луѓето. Но, како што нашата мапа јасно покажува, има сè уште многу работа да се заврши пред да достигнеме целосна правна еднаквост ширум Европа. Премногу земји се сè уште под просекот кога се работи за обезбедување правна заштита од дискриминација и насилство.“

 

Од мај 2013 год, најбрзите искачувачи беа Малта (22% погоре) и Црна Гора (20% погоре).

 

Пауло Корте-Реал продолжува: „Многу е охрабрувачки да се видат земји како Малта и Црна Гора како прават голем прогрес само за една година. Тоа покажува дека толку многу е возможно кога има политичко лидерство, посебно кога е рака под рака со суштинско вклучување од граѓанското општество.“

 

Некои од најважните промени рефлектирани во Rainbow Europe индексот за 2014-та година се однесуваат на правното признавање на родот. Европските земји прогресивно стануваат свесни за постоечките јазови во препознавањето на правата на транс луѓето, и како резултат на тоа, повеќе влади започнуваат да ги менуваат нивните легислативи за да осигураат подобра правна заштита за транс лицата. Но правата и заштитата за транс и интерсекс луѓето остануваат една од областите каде најголем развој е потребен да се случи во Европа.Годишен преглед – општествената ситуација

 

Што се однесува до севкупната политичка и општествена ситуација на ЛГБТИ лицата, Годишниот преглед издвојува четири главни трендови во Европа:

– Нови видови на криминализација на ЛГБТИ лицата се зголемуваат преку ширењето на законите за анти-пропаганда и преку усвојувањето на закони и политики од страна на некои држави кои ги ограничуваат правата на ЛГБТИ луѓето (Белорусија, Ерменија, Грузија, Латвија и Украина).

 

– Додека расте консензусот за брачната еднаквост, Европа исто така ја сведочи и појавата на движења против брачната еднаквост (Франција) и во насока на правни забрани кои содржат идни промени на дефинирањето на бракот (Словачка, Хрватска).

 

– Хомофобичното и трансфобичното насилство останува на високо ниво и е често разгорено и поддржано од некои политички и верски авторитети; насилството врз транс лицата и понатаму особено загрижува;

 

– Дискриминацијата продолжува да се појавува речиси во сите земји и во сите области на живеењето на ЛГБТИ лицата.
Македонија, и оваа година, според заштитата на правата на ЛГБТИ лицата се наоѓа на дното на ова рангирање. Пониско рангирани од неа се само Русија, Ерменија, Азербејџан, Украина и Монако.

 

 

Преземено од Субверзивен фронт