08 May Во Кипар предложен закон според кој хомофобичното однесување ќе се казнува со затвор
Со новиот закон предложен во Кипар предвидено е хомофобичното однесување да се казнува со парични, но и со затворски казни. Комитетот за правни работи го предложи законот со цел ЛГБТИ луѓето да бидат заштитени на сличен начин како и што се заштитени жртвите од расизам и ксенофобија.
Според предлог законот се предвидуваат затворските казни да траат до три години, а паричните казни да бидат до висина од 5000 евра.
Предлог законот се појави во време во кое оваа земја треба да биде домаќин на првата Геј прајд парада која треба да се оддржи на крајот на мај. Северен Кипар неодамна стана последната земја во Европа која го декриминализира геј сексот.
Аристо Дамаианоу, пратеник од кипарската либерална партија АКЕЛ, изјави дека беше крајно време да се воведе закон со кој ќе се казнува хомофобичното однесување.
„Во ова време, според нашите меѓународни обрски, ние сме обврзани да го направиме тоа“ – изјавил тој, а пренесе Кипарски Мејл.
„Она што сакаме да го направиме е во основа да се осигураме дека луѓето имаат право да си ги одбираат своите партнери без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не“.
Кога бил прашан дали „хомофобично однесување“ е преширок термин, политичарот одговорил дека токму и тоа била целта на законот.
Тој рекол: „Намерно искористивме широк термин за да на судовите им овозможиме флексибилност да носат пресуди врз основа на презентираните докази“.
Сотрис Сампсон, пратеник од христијанската конзервативна партија ДИСЈ која е мнозиска партија во кипарскиот парламент, најави дека парламентот ќе дискутира за законот подоцна од предвидениот термин.
Од опозициската АКЕЛ се надеваат дека законот ќе им овозможи на луѓето самите да тужат за хомофобична дискриминација.
Извор: Gay Star News