Усилена сензационалност која тиражот го става над информирањето, превентивните мерки и заштитата од дискриминација

Усилена сензационалност која тиражот го става над информирањето, превентивните мерки и заштитата од дискриминација

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА остро реагира на написот објавен во весникот „Дневник“ од 19 март 2014 година, со наслов „ Алармантно ширење на ХИВ: од 11 нови случаи, осум се од врска на маж со маж“ поради следниве причини:

 

-Демантираме дека ХЕРА учествувала во наведеното истражување и известуваме дека главните информации на кои се темели текстот сѐ уште не се публикувани.

 

Бројката на лица со ХИВ во објавената вест е далеку од алармантна имајќи предвид дека се работи за истражување со кое целно се интензивира тестирање за ХИВ во рамки на група која е од особен ризик за ХИВ (односно кај мажите кои имаат секс со мажи), што е во согласност со Националната стратегија за ХИВ 2012- 2016. Земајќи ги предвид дури и овие податоци, Македонија не влегува во земји со концентрирана епидемија кај одредени групи, и останува земја со ниска стапка на ХИВ.

 

Бомбастичната информација, употребената фотографија и терминологија не само што обвинува, дискриминира и го зајакнува стереотипите од осумдесеттите години на минатиот век дека една група на граѓани е виновна за епидемијата на СИДА, туку ги руши досегашните превентивни напори. Со оваа вест граѓаните на Република Македонија можат да помислат дека не се изложени на ризик од ХИВ само затоа што не припаѓаат на групата – мажи кои имаат секс со мажи.

 

Потенцираме дека не постојат ризични групи туку ризично однесување за ХИВ и дека целта на сите превентивни програми за ХИВ е да се зголемува бројот на лицата кои се свесни за својот ХИВ статус во рана фаза од ХИВ инфекцијата. Токму затоа од  воспоставувањето на превентивни сервиси за групите од особен ризик преку програмата на Министерството за здравство и Глобалниот фонд во 2004 до денес бројот на лица кои се свесни за ХИВ статусот е трикратно зголемен.

 

Она што загрижува во Македонија е тоа што бројот на тестирања за ХИВ е сѐ уште многу низок (под 1% на годишно ниво).

 

– Остануваат нашите препораки дека треба се зголеми опфатот на лицата кои доброволно се тестираат со ХИВ за да го дознаат својот статус, како помеѓу групите од особен ризик од ХИВ, така и помеѓу општата популација. Повторуваме дека е потребно да се осигури, во основните и средни училишта, младите можат да научат за она што во моментов не се учи, а тоа се информации за ХИВ, сексуално преносливи инфекции, врски и заштита.

 

Преземено од HERA