Соопштение до јавноста и медиумите: Поддршка и солидарност со стечајните работници

Соопштение до јавноста и медиумите: Поддршка и солидарност со стечајните работници

Мрежата за борба против хомофобија и трансфобија ја изразува својата поддршка и солидарност со стечајните работници и прогласените за технолошки вишок, и најостро се спротиставува на газењето на основните принципи на правда и достоинство со кои нашите пријатели и пријателки стечајци се соочуваат како исклучително ранлива група во транзицискиот приватизирачки пустош.

 

Мрежата за борба против хомофобија и трансфобија упатува апел до сите граѓански организации, сите граѓани и граѓанки, активисти и активистки за човекови права да се приклучат кон борбата, и заеднички да се солидаризираме со нашите сограѓани и сограѓанки во нивните протести и заеднички да го изразиме незадоволството предизвикано од континуираната егзистенцијална тортура, дехуманизација и експлоатација.

 

Сметаме дека последното законско решение не само што не нуди правична редистрибуција и надокнада за суштинската тешка ситуација со која се соочуваат стечјаците, туку, уште пострашно, врши и поделба, дискриминира и прави уште поранливи голем број на стечајци, користејќи притоа небулозни аргументи со кои наводно се оправдува продолженото деградирање, осиромашување и бавно убивање на нашите сограѓани.

 

Мрежата силно нагласува дека нужноста од солидаризирање произлегува од споделените услови на нееднаквост, експлоатација и дехуманизација со која се соочуваат стечајците и сите оние граѓани кои во лудата наезда на угнетувачкиот капитализам и насилниот национализам се сведени на политичките маргини и третирани како општествен вишок и капиталистички трошок. Проживеаните искуства на нееднаквост, неправедност, дискриминација, сиромаштија, насилство и непризнавање не обврзуваат сите нас заедно да застанеме како колективен политички субјект и да и го вратиме достоинството на борбите за демократија, правда и еднаквост.

 

Сметаме дека континуираното осиромашување, деградирање и потсмевање со бескомпромисната ситуација на стечајците од страна на владеачките политички гарнитури, во услови кога стотици милиони евра се трошат за градење на фиктивни истории и ковање на лажни пари под покровителство на националистичкото лудило, претставува ништо помалку од перверзен, бескрајно нечовечки и политички неодговорен чин. Потенцираме дека правдата и нееднаквоста се ништо повеќе од илузија и празна политичка реторика доколку не се засноваат и гарантираат земајќи ги предвид, подеднакво, како социјалните потреби за редистрибуција на општествените добра и економските ресурси, така и суштинската човечка потреба за признавање на еднаквата вредност и достоинство на сите луѓе без разлика на нивните разлики.

 

Истакнуваме дека во ова сме сите заедно, сите сме дел од прекаријатот и ранливи под ударите на профитирачкото и националистичкото насилство, и, затоа, обединети во солидарност застануваме во одбраната на правото за достоинствен живот и еднаков третман на сите граѓани.

ПОИНАКОВ СВЕТ Е ВОЗМОЖЕН!