Соопштение за медиуми: Промоција на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата

Соопштение за медиуми: Промоција на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата

Денес во ЛГБТИ Центарот за поддршка се одржа прес конференција за промоција на новоформираната Национална Мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Се работи за мрежа од 15 граѓански организации и неформални групи кои дејствувајќи координирано ќе организираат активности за видливост на ЛГБТИ заедницата и унапредување на човековите права на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите лица и интерсексуалците.

 

-Целта на мрежата е координирано и активно дејствување на повеќе организации кои не се бават исклучиво со правата на ЛГБТИ зедницата, бидејќи маргинализацијата и стигматизацијата на ЛГБТИ лицата е прашање за човекови права, прашање за развој на демоктатијата и солидарноста- Драгана Дрндаревска, од секретаријатот на мрежата.

 

– Опресијата и насилството кое го искусија ЛГБТИ луѓето, активистите и организациите во последните две години, се покажа како контрапродуктивно за нарачателите и извршувачите. Денес сме тука собрани повеќе активисти и организации, здружени, посилни и уште повеќе посветени на менувањето на социјалниот и правниот статус на ЛГБТИ луѓето во нашето општество. ЛГБТИ Центарот за поддршка во новите простории има повеќе можности да и понуди на ЛГБТИ заедницата и сите кои ја поддржуваат, нов квалитет и подобри услови за социјализација, размена на искуства, информации и координирање на заеднички акции. Љубовта ќе победи. – изјави Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

 

Ирена Цветовиќ во своето излагање ја потенцираше потребата од формирање на поширок фронт за борба против хомофобија и трансфобија и ги повика релевантните институции да се приклучат на начин што ќе ги преземат сите потребни мерки за градење на општество без дискриминација и насилство врз ЛГБТИ лицата.

 

– Јас сум многу задоволен од поддршката што ја добивме за формирање на мрежата од самите членови на ЛГБТИ заедницата. Се надевам дека со престојните активности како кампањата против хомофобија и трансфобија ќе успееме уште повеќе да ја мобилизираме заедницата за да се вклучи поактивно во борбата за сопствените права, а воедно се надевам на поширока поддшка од граѓаните и институциите- истакна Антонио Михајлов член на координативното тело на мрежата.