Повик за поднесување текстови за вториот број на списанието Дроги – Политики и практики

Повик за поднесување текстови за вториот број на списанието Дроги – Политики и практики

Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Центар за едукации, документирање и истражување и Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ објавуваат повик за доставување авторски трудови за вториот број на списанието Дроги – Политики и практики.

 

Дроги – Политики и практики обработува теми поврзани со дроги, употреба на дроги, лекување зависности од дроги, но и други проблематики што се надоврзуваат на главните теми, како што се: сексуална работа, ХИВ/СИДА, хепатитис Б и Ц, туберкулоза, права на маргинализирани групи/заедници, родови перспективи, пристап до информации од јавен карактер, истражувања, политики, застапување, граѓанско општество, активизам, социјална работа и политика, здравство.

 

Дроги – Политики и практики е списание наменето за лица што употребуваат дроги, лица што се лекуваат од зависности, стручни лица од областа на употребата на дроги и лекувањето зависности и пошироката јавност засегната и заинтересирана за наведените проблематики. Се објавува на македонски јазик (печатена и електронска верзија) и англиски јазик (електронска верзија).

 

Дроги – Политики и практики овозможува простор за објавување авторски текстови, авторизирани преводи, вести/известувања, промоции, колумни/есеи, графички прикази со пораки со социјално-просветлувачка содржина, кампањи поврзани со наведените проблематики за сите што придонесуваат и/или сметаат дека можат да придонесат кон унапредување на социјалната и здравствената положба на лицата што употребуваат дроги и лицата што се лекуваат од зависност од дроги. Тоа е простор за афирмација на личните ставови и ставовите на институциите и организациите што работат во наведените и сродните проблематики. Доколку сакате да изложите став, да објавите вест или да го проширите кампањското дејствување, обратете се на следниот контакт: Вања Димитриевски, vanjad@hops.org.mk.

 

Главна тема за вториот број е „Дроги и законодавство“. Освен за главната тема, добродојдени се текстови на било која тема поврзана со целите на списанието.
Краен рок за доставување на текстови и други информации е 01.03.2014 година. Селекцијата на доставените текстуални прилози и други информации ќе ја врши Уредничкиот одбор.

 

Критериуми за селекција се:
– Стручност (познавање на обработуваната проблематика)
– Креативност
– Иновативност (отворање нови прашања или промовирање нови начини за решавање на актуелните прашања)
– Разбирливост (литературно изразување и/или сленговско изразување разбирливо и препознатливо за целните групи)
– Навременост (запазување на крајниот рок за предавање на материјалите).

 

За повеќе информации обратете се на следниот контакт: Вања Димитриевски, vanjad@hops.org.mk.