05 Feb Трагедијата на Филип Сејмор Хофман: Како можеме да спречиме смртни случаи предизвикани од предозирање
Пишува: Меган Ралстон, менаџерка за намалување на штети при Алијансата за политики на дроги.
Смртта на Филип Сејмор Хофнам како цунами погоди милиони луѓе, вклучувајќи ме и мене. Приказната се уште се разоткрива и трагедијата станува се поголема. Во неодманешните извештаи се вели дека тој бил пронајден со игла во неговата рака и пакетчиња со некаква супстанција (се претпоставува хероин) во неговата близина. Како многу од вас, јас бев негов голем фан. Го сметав за најнадарениот актер од неговата генерација. Исто како и многумина од вас, згорезена сум што тој почина од нешто кои можеше да се спречи.
Она што ја прави смртта на Хофман уште потрагична е тоа што се случи во Њујорк, држава која има широк спектар на политики и сервиси создадени за да се намалат смртните случаи предизвикани од предозирање од дрога. Њујорк поседува закон кој нуди заштита од обвинение за кривично дело поврзано со дрога за луѓето кои што ќе се јават на итната служба во случај на предозирање. Голем број на луѓе паничат кога ќе се соочат со сцена на предозирање, плашејќи се дека тие или личноста која што се предозирала ќе биде уапсена за поседување на мала количина на дрога. Ваквите закони кои постојат во дузина сојузни држави во САД, вклучувајќи го и Њујорк, ги охрабруваат луѓето да делуваат брзо без страв дека ќе бидат обвинети за поседување дрога. Њујоркчаните исто така имаат ограничен пристап до лекот кој се дава во случај на предозирање – налоксон. Доколку биде даден веднаш, налоксонот може да го спречи предозирањето и на предозираната личност да и овозможи да си го поврати дишењето.
Налоксонот претставува генерички, евтин, ненаркотичен лек кој делува брзо и не само што е безбеден, туку и лесен за употреба. Присутен е уште од седумдесетите години на дваесетиот век и има спасено илјадници животи. Властите во Њујорк само што воведоа нов закон со кој пристапот до овој лек ќе се прошири.
Голем број на држави само што започнаа да прават големи чекори за да го набават налоксонот во што поголеми количини. Смртта на Хофман совршено ја отсликува итната потреба за тоа. Дури и Националната канцеларија за политики за контрола на дрогите смета дека налоксонот треба да биде поседуван и од страна на полицијата. Но, не смееме да запреме тука. Не е доволно само полцијата и итните служби да имаат пристап до налоксонот – луѓето кои употребуваат дроги и останатите кои би можеле да бидат сведоци на опијатно предозирање мора да го имаат истиот пристап. Кој и да биде првиот кој што треба да реагира на предозирање, би требало да има пристап до налоксон. Мора да се осигураме дека локалните и федералните влади ја следат ситуацијата и дека ќе обезбедат налоксон во што е можно повеќе аптеки.
Во следните неколку денови сигурно ќе дознаеме многу за Хофман, за неговато користење на дрога и неговите лични демони. Некои неговата смрт ќе ја наречат „поучен момент“. Но, мораме да се осигураме дека она на што се поучуваме да вклучува основни информации за безбедноста на корисниците на дрога- информации кои би можело да спасат животи. Мораме да почнеме да зборуваме за намалувањето на штети и како да им се помогнеме на луѓето да останат живи доколку употребуваат дроги. Доколку употребувате хероин и никој не ви кажал да избегнувате да мешате алкохол или други седативи со хероин затоа што се зголемува ризикот за предозирање, тогаш ние не сме успеале во нашите заложби. Не мора да ни се допаѓа тоа што некој употребува дрога, напротив го мразиме тоа. Но, во најмала рака, мораме да понудиме основна едукација која би можела да спаси животи.
Има уште многу да се дознае за смртта на Филим Сејмор Хофман. Исто така и многу да се каже за тоа како итно треба да ги промениме нашите дискусии не само за употребата на дрога, туку и за нашите политики за дроги. Потребни ни се лекари, а не затворски келии. Потребно ни е сочувство и потребни ни се научни истражувања кои ќе им помогнат на луѓето при нивната терпија. Мораме да признаеме дека сите ние имаме тајни, сите се срамиме, сите имаме мрачни страни кои треба безбедно да ги држиме подалеку од вниманието на јавноста. Се надевам дека како што ќе ги дознаеме деталите ќе се сеќаваме на него како на еден од најголемите актери на модерната ера и нема да го дискредитираме како „уште еден од оние познати ликови кои умрел од дроги“. Се надеваме дека ќе направиме повеќе за да им помогнеме на другите како него да останат живи, дури и ако употребуваат дроги.
Извор: drugpolicy.org