Создадена Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата

Создадена Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата

На 20 јануари 2014 во ГЕМ клубот во Скопје беше создадена Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, прва и единствена мрежа на граѓански здруженија и индивидуи во Македонија кои ги здружуваат своите напори во кампањата за правата на ЛГБТИ лицата.

 

Мрежата е основана од 15 организации, меѓу кои се Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста – Субверзивен Фронт Скопје, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Женска Алијанса, и Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

 

Целите на мрежата, меѓу другото, се изградба на национална база на податоци за хомофобични и трансфобични инциденти и за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и кривични дела од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, подигнување на свеста на јавноста и државната администрација за потребата за борба против хомофобијата и трансфобијата, како дел од борбата за еднаквост и човекови права за сите и мониторинг и документирање на хомофобични и трансфобични акти и настани и нивна осуда во јавноста.

 

Мрежата е создадена како резултат на потребата од заеднички одговор на засилените хомофобични и трансфобични реторики во јавниот дискурс, кои резултираа со неколку напади врз ЛГБТИ Центарот за поддршка во 2012 и 2013 год, напади врз ЛГБТИ активисти и видлив говор на омраза во јавниот простор, посебно на социјалните медиуми.

 

Создавањето на мрежата е проектна активност на Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста – Субверзивен Фронт Скопје, а се спроведува во партнерство со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

 

Преземено од ЛГБТ Мрежа