Радио МОФ: Со марш низ скопје сексуалните работници побараа да запре насилството

Радио МОФ: Со марш низ скопје сексуалните работници побараа да запре насилството

Со отворени црвени чадори и марш низ Скопје,  ескорт – дами, стриптизери и стриптизерки, хотлајн операторки, масери и масерки, активисти за човекови права и нивни поддржувачи побараа нивните работнички права да бидат ставени на агендата на политиките. Сексуалните работници побараа заштита на човековите права, поголема безбедност при работата и ставање крај на насилството со кое се соочуваат при нивната работа. Маршот започна од улица „ Македонија“ и продолжи кон плоштадот „ Карпошово Востание “  создавајќи бран од црвени чадори.

 

„Македонија како земја има репресивни мерки со кои се маргинализираат оваа група на луѓе, така што сексуалните работници според таквите мерки дополнително ги ставаат на маргините на општеството. Постојана е изложеноста на дискриминација, тортура и стигма не само од лошите макроа, туку и од државните институции, пред се од центрите за социјални работи, здравствени институции“, вели Борче Божинов од граѓанската иницијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР.

 

Маршот и изјавите на активисти и сексуални работници може да ги видите во видеото.

 

Со  маршот на црвените чадори, македонските активисти по шести пат се приклучија кон глобалната акција за солидарност, и го одбележаа 17 – ти декември како Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. Во 2001 година црвениот чадор за прв пат беше искористен како симбол од сексуалните работници и сојузници во Венеција, Италија.

 

Црвениот чадор како симбол за отпорот против дискриминацијата и насилството врз сексуалните работници, во 2005 година беше усвоен од страна на Меѓународниот комитет за правата на сексуалните работници.

 

„Сите знаат што значи црвената панделка. Така што, црвениот чадор веќе го има истото глобално влијание“, велат активистите за унапредување на правата на сексуалните работници.

 

Покрај во Скопје, акции по повод Меѓународниот ден се одржуваа во Тетово, Охрид и Струмица.

 

Во организација на СТАР СТАР, денеска на плоштадот во центарот на Тетово, на информативен штанд се делеа брошури, флаери, каталози и црвени чадори.

 

Преземено од Radio MOF