ФРИК ФЕСТИВАЛ 2011

ФРИК ФЕСТИВАЛ 2011

Третото издание на ФРИК Фестивал ги преиспитува концептите на „фестивализација“ на културата и потребата од спектакл, а, со ова негово трето издание, од 9 до 11 октомври, во Скопје, ги одврзува врските. Потрагата по уметност и независни простори за нејзино претставување продложува!
ФРИК Фестивал зависен од независна уметност!

Фестивалот почнува со аудио-визуелно протресување на 9 октомври во просторот под нова железничка станица (веднаш до пошта 2) во 20 часот. Првиот ден од фестивалот ќе се презентира видео, краток филм, анимација и видео арт. Вечер(а)та започнува со Кери Барт-Mајстор на црниот хумор (главна сала), Црвен опоен прав од Мариола Бриловска, Животот е смрт и нема победници – мантра Патрик Мендез, Јоана Линда и македонска видео селекција на Зорица Зафировска. Во рамки на првата вечер на ФРИК Фестивал, Noitu ќе постави своја аудио-визуелна инсталација Feedback Machine v.1 (AV Exibition by Noitu) и свој музички настап ќе има Amplidyne effect (Мартин – гитара, електроника, loops, tape).
Централен настан на ФРИК Фестивал е гостувањето на полскиот колектив SUKA OFF, закажан на 10 октомври во просториите на независниот театар THEATRA од 21:30. Култната перформанс група SUKA OFF настапува со својот перформанс “tranSfera 4.6” што ќе биде премиерно изведен на ФРИК Фестивал. Од 1995 година овој колектив активно твори во областа на визуелен театар, перформанс и видео арт, притоа постојано навраќајќи се на прашањата за нагонското во човекот, редефинирање на родот и културно наметнатите кодови, вирусот на страв и насилство, постиндустриската естетика, како и потрагата по нови алтернативни и радикални форми на комуникација помеѓу човечкото тело и електронските направи.

Во текот на целиот фестивал интервенција на отворен простор ќе работи визуелниот уметник Ким Кестер од Берлин. Ким Кестер живее и работи во Берлин каде го развива неговиот уникатен артистички пристап кон пост-модерната деиндустријализација. Комбинира различни технологии и материјали за да создаде кревки светови од убавина во бруталните опкружувања.
Од особено значење е гостувањето на грчката уметница Елеонора Сиарава од Солун, која ќе работи на отворени јавни простори заедно со Ким Кестер и преку својот танц перформанс ќе ги истражува флуидните идентитети. Нивната работа ќе биде претставена со видео проекција и перформанс на 11 октомври, кога официјално ќе се затвори фестивалот, кој почнува со роденденот на Џон Ленон, а завршува со денот на борбата за ослободување.

Фестивалот е поддржан од Mинистерството за култура, градот Скопје, германската амбасада која го овозможи присуството на уметникот од Германија, амбасадата на САД со чија помош се испечатија промотивните материјали за фестивалот, но и од многу пријатели и уметници кои безрезервно ја дадоа својата поддршка за реализирање на овој фестивал на независна уметност.
Детална програма на www.frik.mk.