19 Nov „Би се викал Барбара” – документарен филм за Фифи
„Би се викал Барбара“ е краток документарен филм за двете најголеми желби во животот на едно 22-годишно момче од предградието на Скопје: најпрво да стане девојче, а потоа и популарна пејачка. Соочувајќи се со предизвиците на балканската реалност, таа се обидува да остане верна на она што навистина е.
Документарниот филм ја обработува животната приказна на Филип Јаневски – Фифи, трансродно лице од Скопје. Режијата и сценариото е на Ана Јакимска, а како нејзин асистент на режија се јавува Андреј Георгиев. Останатите членови на тимот се Бранко Костески – камера, Сашко Потер Мицевски – монтажа и Сандра Ѓоргиева – асистент на монтажа. Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
Ана Јакимска (1988) дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје со посебен интерес за компаративата како методологија на проучување на односите меѓу уметностите. Магистрант е на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на катедрата за Филмска и ТВ режија.
Ана воедно е членка на Женска Алијанса и ни преставува особена чест, гордост и привилегија да ве информираме за нејзините успеси и достигнувања. Во својата работа таа се води според принципите на еднаквост и недискриминација, а последното нејзино дело особено придонесува за подигнување на јавната свест и афирмација на човековите права на трансродовите лица кои претставуваат една од маргинализираните групи изложени на континуирана стигматизација и за кои сè уште постојат стереотипи и предрасуди во нашето општеството.
Филмот можете да го погледнете на следниот линк
Преземено од fakulteti.mk