15 Nov Марш на толеранцијата „Македонија има љубов за сите – Насилството не почнало и нема да заврши со мене!“
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ центарот за поддршка го организираат петтиот по ред Марш на толеранцијата кој ќе се одржи на 16 ноември, со почеток во пет до дванаесет, пред Владата на Република Македонија.
Под слоганот „Македонија има љубов за сите – Насилството не почнало и нема да заврши со мене!“, овогодинешниот Марш, кој се организира по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на толеранцијата, го посветуваме на правото на живот ослободен од насилство.
Во реализацијата на овој Марш на толеранција се придружија следните организации: Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Tiiiit! Inc. – женско движење, Субверзивен фронт – здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста, СТАР – СТАР – Граѓанска инцијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници, Terra Floria – здружение за заштита на животната средина, Паркобрани, Анима Мунди – здружение за заштита на животни, NCR – Национален Ромски Центар, Civil – Центар за слобода и МОФ – Младински образовен форум.
За жал, во нашето општетство полека но сигурно насилството се претвара во секојдневие коешто во овие моментални услови станува навика. На првиот фронт жртви се секогаш ранливите и маргинализирани групи кои на своја кожа го чувствуваат притисокот на структурната нефункционалност од која што уште повеќе произлегува гневот кон различноста. Институциите пак, сѐ повеќе се пасивизираат во однос на откривање на сторителите, овозможувањето на пристап до правда за жртвите и спроведување на конкретни процедури рамноправно за сите граѓани на РМ. Оваа година, за жал, насилството кулминираше во сите сегменти на нашето општество.
За таа цел, Ве покануваме и Вие да се придружите на овој Марш на толеранцијата, заедно и обединето да кажеме НЕ НА НАСИЛСТВОТО! Македонија има љубов за сите, а институциите имаат обврска да им овозможат заштита на сите граѓани на Република Македонија.
Прземено од lgbti.mk/