ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА




Законот за антидискриминација не ги исполнува европските критериуми




Коалицијата за заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, во соработка со Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), Македонскиот Хелсиншки комитет и ЦИВИЛ, на 23 март организираше прес-конференција на која јавно го критикуваше новиот Закон за заштита и спречување на дискриминација.

Според Наде Наумовска од ФИООМ, прифатените амандмани не придонесуваат за подобар закон за антидискриминација. Во делот каде што се наведени работите кои нема да се сметаат за дискриминација, семејството е дефинирано „како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и жена“. Ова е сосема контрадикторно на Законот за семејство, каде што „семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство“.

Наумовска ги повика предлагачите на амандманите да објаснат зашто во предложените амандмани како исклучок од дискриминација се внесува и уставно гарантираното начело на слобода на говорот, јавниот настап, мислење и јавното информирање за исклучок од дискриминација. Ваквите слободи се веќе дефинирани во Уставот на Република Македонија и истите не треба да се земаат како апсолутно право, но  и интервенирањето во овие права е веќе регулирана правна материја согласно кривичниот законик и согласно ратификуваните меѓународни договори.

Предвидената комисија за антидискриминација е исто така спорен дел од Законот. Не е определено времето за нејзино започнување со работа и нејзината организациона структура и начин на постапување, професионалниот карактер на функцијата и неспоиливоста на истата со вршење на друга функција, како и недефинираноста на улогата претседателот на комисијата. И по прифатените амандмани, Комисијата останува оневозможена самата да покренува постапка за спречување, утврдување или заштита од дискриминација.

Коалицијата за заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници го осуди начинот на кој се водеше дискусијата за овој закон во Собранието на Република Македонија.  Наместо да се афирмираат вредностите кои ги промовира Закон, а кои се засноваат на принципите на еднаквост, недискриминација и универзално почитување на човековите права, актуелната дебата за Законот провоцираше серија хомофобични говори кои доаѓаа од страна на претставници на релевантни институции.

Славчо Димитров, претставник на Коалицијата, изјави дека дебатата за Законот, едновремено, се користи и за директен напад врз граѓанскиот сектор, негова делегитимизација и непосредно посочување и жигосување на граѓанските активисти.

Законот за антидискриминација е еден од поважните закони кои треба да бидат донесени за да може да напредуваме во евроинтеграциите, но законот предложен од владата го нема неопходниот квалитет, заклучи Џабир Дерала од ЦИВИЛ.