17 Mar МПЦ-ОА шири омраза и суди!
Реакција на соопштениeто за јавност од МПЦ–ОА од 11.03.2010 [1]
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија реагира на соопштението за јавност на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) од 11.03.2010 година, кое ги нарушува човековите права на одредени групи граѓани во Република Македонија, ја зголемува стигмата кон нив присутна во општеството и спротивно на основното учење кое го проповеда оваа институција, шири омраза и ја презема улогата на судија.
МПЦ–ОА воопшто не е повикана да го признава, како што стои во нејзиното соопштение, туку е должна да го почитува правниот систем на државата. Ова, изречно произлегува од Уставот и од Законот за правната положба на црквите, верските заедници и религиозните групи според кој “црквата …своите активности ги врши согласно со позитивните законски прописи на Република Македонија[2]”
Уставот на РМ не остава дилеми во однос на релацијата помеѓу државата и црквата, според кој црквата, верската заедница и религиозната група се одвоени од државата и се еднакви пред закон[3], со што се дефинира секуларизмот во едно демократско општество и секој ваков груб обид за мешање на верските заедници во правниот поредок на државата, истата мора да го санкционира.
Обидот за дефокусирање на јавноста од нејзините внатрешни проблеми, не смее МПЦ-ОА да го насочува кон сатанизирање на сите останати во општеството. Мешањето во демографската политика, вклучително и приватноста на одлуката колку детно ќе е едно семејство, е во директна контрадикција со залагањето на МПЦ – ОА за приватност на сексуалната ориентација. Небулозата за нарушување на правата на „другите“ со забранување на дискриминација врз основа на сексуалната ориентација, не само што излегува надвор од доменот на експертиза и надлежност на една верска установа туку претставува ширење на дезинформации и страв, дејствија кои се недозволиви во едно демократско општество.
Непознавањето на материјата за човековите права не може да биде изговор за ваквото бескрупулозно навредување на човековите права на определени групи и ширењето на омраза кое МПЦ – ОА не за првпат ги прави, а спротивно на христијанскиот дух кој треба да го шири.
Владеење на правото е одлика на едно демократско општество а тоа пак подразбира почитување на законите и правниот поредок од сите и од секого па макар тоа била и најголемата верска заедница во државата.
Ваквиот акт на МПЦ – ОА, во синергија со јавните настапи и акции на Владата на РМ ја потенцира во последно време честата појава на дискриминација и насилство од различен вид кон одредена група граѓани само заради нивната сексуална ориентација, како и нивна злоупотреба заради дневно-политички причини и заради покривање на крупни проблеми во општеството.
Ова уште еднаш ја потврдува потребата од носење на ефикасен и применлив Закон за спречување и заштита од дискриминација поради што апелираме до Собранието на Република Македонија сериозно да пристапи кон процесот на носење на овој круцијален закон, но не во оваа форма предложена од Владата туку да донесе акт кој реално ќе овозможи заштита на граѓаните од дискриминација, која за жал метастазира во секоја пора на нашето општество.[4]
Скопје, 16 март 2010
[1] http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=4274
[2] Член 7, Закон за правната положба на црквите, верските заедници и религиозните групи, Сл. Весник на Р.М. бр.113/07 од 20.09.2007 год.
[3] Член 19 од Устав на РМ
[4] Забелешките на Предлог Законот за спречување и заштита од дискриминација на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија можете да ги најдете на www.mhc.org.mk