За мојата матка која веќе не е моја

За мојата матка која веќе не е моја

Автор: Ивана Јордановска

 

Пред пет-шест години, дури бев сѐ уште во средно, имавме волонтерка од Италија. Девојката ѝ помагаше на нашата професорка по италијански и организираше дополнителни часови за сите што сакаа да научат повеќе. Јас и другарка ми решивме да посетиме еден од часовите (само еден), чисто да видиме што значат часовите. Речено – сторено. Девојката (која за потребите на колумнава ќе ја викам Клара), доаѓаше од некое мало место во централна Италија и едвај да имаше 23-24 години. Ситна, со кратка црна коса, Клара изгледаше возбудено да работи со нас, но и малку несигурно. Се состановме со неа и ни рече дека има подготвено краток напис за одреден проблем во Италија, којшто требаше да го прочитаме, а подоцна и да го анализираме.
Написот беше една страничка од локален весник, за последната маркетинг кампања против абортусот во Италија. Ќе си помислите, доволно актуелно за нашата моментална ситуација во Македонија. Но, не и за две тинејџерки во 2007 или 2008 година. Откако го прочитавме, се погледнавме и се обидовме да рационализираме зошто некој би трошел пари и време за нешто што нас ни изгледаше несакано, но не и погрешно. Веднаш почнавме со фактите со коишто нѐ клукаа на часовите по биологија: абортусот може да е штетен ако се случи после таа и таа недела, доколку здравјето на мајката е загрозено, бла, бла, бла… Клара нѐ погледна со темнокостенливите очи и запраша:

„Значи, вие генерално поддржувате абортус?“

 

Среќа, не ѝ одговоривме: „Како и сите нормални луѓе“. Оти, абортусот за нас беше нормална работа, сѐ дури се изведуваше согласно медицинските норми и правила. Можеби беше наивно од наша страна да не ја нагласиме психолошката тежина на една таква одлука. Можеби требаше да земеме предвид дека во Македонија никогаш немало дозволено увоз на таблети за абортус. Но, со нашето тукушто започнато образование за сексуалноста, сметавме дека не може разумен човек да е против добро регулиран и легален абортус.

 

„А дали во Македонија имало вакви или слични кампањи за абортус?“

Е, на ова прашање со зачудување завртевме со главите како бувчиња. Ај што не ни беше јасно зошто некој воопшто би трошел нерви на такво нешто, уште почудно ни беше зошто такво нешто би се случувало во Македонија. Та, тоа не беше проблем кај нас! Имавме закон, кој очигледно функционираше и беше во согласност со она што медицината нѐ учеше. Зарем тоа не е дефиницијата на добро формулиран закон? Да ги следи логиката и науката која е значајна во тоа поле? Да ги заштитува човековите права и да не дозволува никој да си поигрува со нив?

Драги мои, од денешна перспектива, на 22 години, во 2013 година, јасно ми е дека не било така. Она што ми изгледаше незамисливо пред пет години, е наша реалност денес. Од создавање на фиктивни организации (www.abortusne.org.mk), па до сензационалистички реклами и промотивен материјал, борбата против абортусот и женските права е во полн ек. За рекламите не се штедат пари, за манипулацијата на емоциите не се штедат слики.

Но, можеби најзагрижувачки ми е фактот дека против мене и моите права се борат оние коишто наводно ги имам избрано за да ме заштитуваат. Со изгласувањето на последниот закон против абортусот, Собранието на РМ де факто и де јуре навлезе во моите човекови права како граѓанин на Македонија. Како што се очекуваше и како што праксата и во првите месеци покажа, советувањето претендира кон одвлекување од идејата за абортус во секој можен случај. Со тоа, државата (машинеријата, Големиот Брат, институциите) се обидува да ми каже и да го исконтролира текот на мојот живот преку одлука која е емотивно и физички многу тешка. Чекањето од неколку дена предизвикува непотребен стрес за жената, којшто очигледно не ги тангира, а уште помалку ги интересира душегрижнициве. Наместо да се подобрува достапноста на абортусот и за жените од руралните области, коишто најчесто се принудени да бараат алтернативни методи за абортус, одолговлекувањето на процедурата го прави потешко за нив да абортираат. Тие мораат да доаѓаат во урбаните средини повеќепати за да добијат абортус. Со ова, државата дискриминира дел од своите граѓани во руралните средини, во време кога тврди дека се обидува да ја намали миграцијата село – град.

 

Ситуацијата со абортусот во Македонија е во толку назадна фаза, што ние воопшто не ги дискутираме работите коишто се навистина важни. На пример, предностите на абортусот преку таблета, наместо инвазивно, со буткање инструменти во матката на жената (да, преку вагината). Абортусот преку таблета, којшто безбедно се изведува во западноевропските земји веќе 20 години, е непознат поим кај нас. Освен што ги намалува можностите за компликации, ваквиот абортус е помалку болен за жената (но, тоа не нѐ интересира, очигледно?). Самиот факт дека жената може да биде дома и со саканите во моментот кога абортусот се случува, помага да се намали психичкиот стрес од минувањето низ ваква процедура.

Правата на жените, девојките, сестрите, мајките, ќерките во Македонија, се брутално кастрирани од луѓе на коишто никако не влијае нечија одлука за абортус. Дури и ако проблемов не нѐ тангира во моментов, мораме да ја запреме пиреј-логиката на квази-конзервативците. Оти, ако се посегне по нечии права денес, што ги запира да посегнат по Вашите права утре? За крај, драги мои, Ве оставам со мислата на Мартин Нимелер:

„Прво дојдоа по комунистите,
јас не проговорив бидејќи не бев комунист.
Потоа дојдоа по социјалистите,
јас не проговорив бидејќи не бев социјалист.
Потоа дојдоа по синдикалците,
јас не проговорив бидејќи не бев синдикалец.
Потоа дојдоа по мене,
Но никој немаше да проговори за мене.“

 

Преземено од plusinfo.mk