25 Sep Велимир Жерновски: Сета убавина мора да умре!
Автор: Љиљана Неделковска
„’Un autre monde est possible’ („Поинаков свет е возможен“) – така во мај 1998 година гласел насловот на уводникот на Игнасио Рамоне, главен уредник на месечникот Le monde diplomatique. Оттогаш таа реченица се претворила во често употребуван борбен и мобилизациски слоган, пред сè во декларациите на АТТАС, мрежа на критичарите на глобализацијата….“
Stefan Nowotny[1]
Сета убавина мора да умре!
Сета убавина мора да умре!
Сета убавина мора да умре!
Поинаков свет е возможен!
Славчо Димитров[2]
Од која позиција да се започне да се мисли еден поинаков свет? Од почетната, како најава, објава дека поинаков свет е возможен, антиципирана во насловот на Игнацио Рамоне или од завршната, како онаа на крајот на текстот за проектот на Велимир Жерновски Сета убавина мора да умре! на Славчо Димитров, како желба да се сочува „можноста за невозможноста“ на еден поинаков свет? Од почетокот на крајот? Или од крајот на почетокот? И почетокот и крајот се отворени за можноста на еден поинаков свет: од почетокот и од крајот опцијата за еден поинаков свет е отворена и таа опција никогаш нема да може да се затвори. Ниту на Почетокот, ниту на Крајот.
Поинаков свет е возможен! Да? Можеби?
Но, светот и понатаму останува поинаков од оној што може да биде. Поинаков на поинаков начин, возможен на (о)возможен начин, светот е само место на кое се копнее, сонува дека поинаков свет е возможен: свет каде, како што вели Жан-Лик Нанси, би имало место за целиот свет, „но вистинско место, место кое навистина дозволува да постои едно место на кое може да се биде тука (во тој свет). Во спротивно, тоа не е ’свет’: тоа е ’глобус’ или ’гломус’, ’место на прогонство’ и ’долина на солзите’“.[3]
Проектот на Велимир Жерновски Сета убавина мора да умре! е копнеж за еден поинаков свет, свет во кој би имало место за целиот свет. Иако осмислен како критика на светот во кој сме заробени, во кој не сме „тука“, туку постојано „таму“, построени или огласени, казнети или заплашени, повикани или отповикани, отфрлени или понижени… сепак критиката на овој (мал, не-целосен) свет својата суштинска димензија ја артикулира токму преку избликот на копнежот за еден поинаков свет. Избликот на нежноста изразен преку розовата боја, е изблик на еден ненасилен свет: сите референци на машкоста како доминантен реален, имагинарен но и симболичен поредок, на еден неочекуван начин се трансформираат во една неверојатна сила на нежност. Нежноста како сила?!
Деликатноста на розовата боја можеби на најдобар начин ја изразува деликатноста на една невозможна, а толку посакувана состојба на погледот, на мислата…. во еден поинаков свет.
Да се користи розевата боја на начин на којшто ја користи Жерновски е провокација и критика што се одвива на повеќе вредносни и значенски нивоа: тој на деликатен начин ја истражува деликатноста на розовата боја во „деликатен“ медиум (серија цртежи пренесени на билборди поставени во централното градско подрачје на Скопје) и во деликатен момент (Денот на независноста на Р. Македонија, 8-ми септември). Но, она што провоцира не е толку критичката конотација на проектот, ниту иронијата во читањето во традиционално, стандардните конотации на розовата боја[4], туку избликот на нежноста од розовите машки атлетски тела. Тоа се тела кои и колку да се напрегаат во својата машкост, во својата силна машкост, во својата машка сила која што воглавно знае и се стреми да биде насилна, единствено што овде успеваат да постигнат во сета своја напнатост е силата на нежноста. Нежноста како сила!? Невозможен копнеж.
Поинаков свет е возможен! Да? Можеби? Можеби во некој друг свет каде убавината и нејзиниот метафизички сон се само нежно сеќавање.
[1]Stefan Nowotny, World Wide World, Postoji li svijet antiglobalizma?
http://republicart.net/disc/mundial/nowotny02_hr.htm
[2] Славчо Димитров, Сета убавина мора да умре, http://okno.mk/node/31374\
[3] Jean-Luc Nancy, Stvaranje svijeta ili mondijalizacija, Zagreb: Jesenski i Turk, 2004, стр.32
[4]Розовата не припаѓа на главните бои. Дури во 18 век ја добила својата симболика кога престанала да биде разблажена црвена боја. Тогаш ѝ е придодадена симболиката на сентименталност и сладникавост. Иако денес розовата боја се врзува за девојчињата и жените, во времето на рококото ја носеле и мажите и жените, а на почетокот на 18 век станала и литургиска боја. Во 20 век за неа се врзуваат особини кои се сметаат за типично женски: кршливост, нежност, грижливост и површност.“ во: Maja Opašić – Nina Spicijarić, Prilog kontrastivnoj analizi frazema sa sastavnicom boje u hrvatskoj, talijanskoj i njemačkoj frazeologiji, FLUMINENSIA, god. 22 (2010) br. 1, str. 121-136
Преземено од okno.mk