Рецензија: Сите ќе умрете, некои после, некои сега!

Рецензија: Сите ќе умрете, некои после, некои сега!

Автор: Тони Димков

 

Прикриената намера за цензура на уметничко дело може да се открие дури и при најповршно читање на објавениот текст. Место да трага по причините кои го иницирале создавањето на делото, авторот на текстот трага по начините со кои поставеното дело најлесно и најбрзо ќе може да се тргне од јавните површини. Притоа, како заклучок, во текстот е посочен пример на веќе цензурирано уметничко дело.

 

 

Линк до оригиналниот напис: Сите ќе умрете, некои после, некои сега!

 

Датум и време на објавување: 17.09.2013

 

Датум на рецензирање: 18.09.2013

 

Рецензент: Тони Димков

 

Вистинитост: Фактите користени во написот се точни и веродостојни. Нема обид за извртување на нивната вистинитост, но сомнеж може да предизвика пристрасниот избор на „вознемирените“ граѓани, чии реакции се повод за објавување на текстот.

 

Извори на информации: Користени се повеќе извори за подготовка на текстот, како граѓани, Град Скопје, маркетинг-компанија, анонимни маркетинг експерти, а дел од информациите се преземени од домашни портали. Извор кој недостига во написот, а чие име и презиме се објавени, е уметникот кој го создал уметничкото дело што успеало да ги „вознемири“ граѓаните.

 

Содржајност: Правецот во кој се движи содржината на текстот ги открива симптомите за можната намера за цензурирање на уметничкото дело. Во воведот на текстот се употребени дел од пораките што делото ги упатува кон гледачите, наведени се насловот и авторот на делото, но недостигаат информации за контекстот во кој е создадено истото. Место анализа на делото од уметнички аспект, пренесени се објаснувања објавени во дел од домашните портали според кои „проектот бил поставен на јавните површини во градот по повод Денот на независноста“ и „претставува уметничка критика на основните претпоставки на државотворноста и независноста“. Ако авторот имаше искрени намери во однос на уметничкото дело многу лесно можел да открие и дека уметникот Велимир Жерновски со проектот „поттикнува критика на насилството како производ на националистичката, маскулинистичката и нормативната социјалност. Критиката на национализмот и неговата маскулинистичка логика станува истовремено и критика на потрагата по корените во далечната антика“. Овој цитат од портфолиото на уметникот не е објавен во написот, но, веројатно ги открива причините за „вознемиреност“ на граѓаните и желбата уметничкото дело што побрзо да биде тргнато од јавните површини.

 

Пристрасност: Написот содржи наводна „грижа за чувствата“ на граѓаните. Користени се само изјави на граѓани на кои „не им е јасно што сакал да каже авторот“ и кои пораките на проектот ги доживуваат како „вознемирувачки“ и „навредливи“.

 

Оригиналност/Плагијат: Авторот на текстот е наведен со иницијали, но текстот е објавен како оригинално дело.

 

Квалитет на насловот: За наслов на текстот е употребена една од пораките со кои уметникот сака да предизвика реакција, да поттикне размислување кај граѓаните. Креативноста на насловот доаѓа од креативноста на уметникот, но за читателите останува нејасно за што станува збор во текстот. Има обид со насловот да се предизвика и сензација кај читателите.

 

Фотографија: Фотографијата е автентична и со неа е претставен билбордот со пораката која е употребена за наслов на текстот. Фотографијата е со наведено авторство.

 

Говор на омраза: Написот директно не поттикнува на насилство, но, со примерот што го дава за веќе отстрането уметничко дело од билборд во рамки на друг проект, дава правец за тоа што би можело да се случи со „вознемирувачките“ пораки. Авторот на текстот не појаснува дека уметничкото дело од дадениот пример беше насилно отстрането, дека беше извршена класична цензура и насилие врз правото на слободна мисла, слободно изразување и автономија на уметничкиот чин. Сторителите на насилниот чин останаа непознати.

 

Заклучок: Билбордите како медиум станаа многу атрактивни за уметничка акција. Токму моментот на забуна дали станува збор за комерцијален оглас или на билбордот се поставени пораки во друг контекст е предизвик за уметниците. Со оглед на фактот што билбордите се поставени на јавна површина, можноста нивната порака да допре до погледот на граѓаните е голема. Во такви ситуации новинарот треба да биде мост меѓу уметниците и јавноста, да објасни за што станува збор, а не да реагира како „вознемирен“ граѓанин.

 

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите,  имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).