Радио МОФ: „Омразата води кон злосторства – најмногу насилство во Скопје“

Радио МОФ: „Омразата води кон злосторства – најмногу насилство во Скопје“

Нападнати малолетници, раскрвавени жртви, напади на возови, автобуси, тепачки помеѓу малолетни и полнолетни граѓани. Ова се само дел од инцидентите и кривични дела сторени како злосторства од омраза кои ги регистрира Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

а само пет месеци се случиле над 50 вакви инциденти, а најголем дел од нападите се случиле во Скопје, истакна Воислав Стојановски, правен советник на Хелсиншкиот комитет на денешната прес конференција. Според него, 80% од злосторствата од омраза се случуваат врз основа на верска и етничка припадност, додека другите 20% отпаѓаат на ЛГБТ прашањата.

 

„Тоа што властите не успеваат да се соочат со проблемот, доведува и до повторување на истите кривични дела, такви се на пример нападите на Музејот на албанската уметност и азбука во Битола, кој беше нападнат два пати во рок од три месеци, нападите врз куќата на актерот Петар Стојковиќ, два пати во рок од еден месец, како и многубројните напади на ЛГБТ Центарот. Се случува луѓе да бидат нападнати само затоа што носат крст или пак по провокација, затоа што не знаат да изговорат што пишува во Куранот, а нападнати се и цркви кои се каменувани додека се врши богослужба“, вели Стојановски.

 

Хелсиншкиот комитет го објави и видеото од нападот на ЛГБТИ Центарот за поддршка, подружница на Хелсиншкиот комитет, кој се случи на 22 јуни, при што беше повреден еден полицаец. Се решиле да го објават видеото, бидејќи како што велат, до денес немаат информации за тоа што презема Министерството за внатрешни работи за пронаоѓање на сторителите.

 

Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, вели дека и покрај сите притисоци на меѓународната заедница во Македонија и притисоците на меѓународните организации, досега немало осуда на насилството врз ЛГБТ луѓето.

 

„Немаше осуда ниту од МВР, ниту од Владата, Народниот правобранител и од Претседателот на Македонија. На снимката воедно ќе видите како се однесуваа дел од полициските службеници. За постапувањето, односно непостапувањето на 22 јуни, ние поднесовме претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, но до денес немаме добиено никаков одговор“, вели Пировска.

 

Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТ центарот за поддршка, вели дека со нападите „излезе на виделина најгрдото лице на омразата, која скоро секогаш безусловно носи до злосторство“.

 

„Нападот на „Неделата на гордоста“ се случи додека имаше четириесет луѓе внатре во центарот. Доколку нешто се случеше, тоа е повеќе и од масакр. И покрај нашето специфично барање, не само за заштита на центарот, туку и за зголемено присуство на патроли во целата чаршија, не ни е јасно како може група од 40 маскирани луѓе да се формира доколку полицијата постапеше според барањата кои ние ги имавме доставено“, вели Андоновски.

 

Според него, насилството е последица на говорот на омраза кој од пред неколку години, организирано и оркестрирано започнал со изјави од претставници на институциите на државата.
„Ние сметаме дека молчењето на државните институции во однос на злосторствата кои ги трпиме, нивното непостапување, нивното непрогонување и неказнување на сторителите, значи соучесништво на институциите во еден прогон на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродните и интерсексуалните луѓе“, додаде тој.

 

Портпаролот на министерството за внатрешни работи, Иво Котевски на прашањето до каде е постапувањето по претставката поднесена од Хелсиншкиот комитет, за Радио МОФ  вели дека Секторот за внатрешна контрола, „сигурно ќе одговори“. За тоа зошто немаше официјална осуда на насилството насочено кон ЛГБТ центарот, вели дека за МВР сите се еднакви и тие осудуваат секаков тип на насилство.

Детали за инцидентите од омраза кои беа презентирани на прес конференцијата по повод „Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза“,  ќе можат да се погледнат на веб сајтот www.zlostorstvaodomraza.com.

 

Автор: Кристина Озимец

Преземено од: radiomof.mk