01 Oct Кој се исплаши од геј-парадата во Белград?
Амнести интернешнл оцени дека забраната на „Поворката на гордоста“ е „црн ден“ за човековите права во Србија. И други невладини организации остро ја критикуваат одлуката на српските власти.
„Властите во Србија попуштија под притисокот на десничарските групи, кои не ги разбираат или не ги почитуваат правата на слободно изразување утврдени во Уставот на Србија и закони“, оцени Сиан Џонс, задолжен во АИ за Балканот.
„Амнести интернешнл смета дека забраната е голем чекор назад за човековите права во Србија и огромната владина отстапка е во корист на десничарските националистички групи, особено ’Двери’ и ’Образ’ кои го оркестрираат отпорот против поворката“, се наведува во текстот.
„Парадата на гордоста“ во 2010 година во Белград
АИ укажува дека во Белград по четвртипат беше планирана „Парада на гордоста“ и дека минатата година полицијата мораше да ги заштити околу 5.000 учесници во манифестацијата од контра демонстрантите кои предизвикаа материјална штета од преку милион евра.
АИ потсетува дека во 2009 година не беше одржана Парадата, бидејќи властите во последен момент одбиле да гарантираат безбедност, откако стигнале закани од екстремни десничарски групи.
Меѓународната организација смета дека со забраната на Поворката, Србија ја крши обврската да гарантира слобода на изразување и собирање.
„Жени во црно“: Државата им го предаде Белград на фашистите
Невладината организација „Жени во црно“ исто така ја осуди одлуката за забрана за одржување на „Парадата на гордноста“, која ја донесе српското Министерство за внатрешни работи под оправдување за забрана на секакви собирања во текот на овој викенд во Белград.
„Какво и да е образложението, јасно е дека е факт дека институциите на државата им го предале Белград и Србија на фашистите, чие постигнување се виде на минатогодишната парада“, се вели во соопштението на организацијата.
„Парадата на гордоста“ е забранета од безбедносни причини
Претседателот Тадиќ и министерот за внатрешни работи Дачиќ
Претседателот на Србија Борис Тадиќ ја поддржа одлуката на надлежните институции за забрана на секакви собири како заштита граѓаните од можно насилство врз нив. Според зборовите на српскиот претседател, државата има право и треба да забрани собири, чија идеја-водилка е насилство кон оние кои се поинакви и претставува закана за јавната безбедност.
Одржувањето на „Парадата на гордоста“ како и неколкуте собири на противниците на парадата, најавени за викендов, се забранети поради безбедносен ризик.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ подвлече дека „Парадата на гордоста“ и сите останати собири закажани за викендов се забранети за да се избегне хаос.
Превземено од Дојче веле.