28 Jun Хомофобите ги мразат жените
Расправите околу овогодинешната геј парада во Софија се добар повод одново да проговорам за хомофобијата (омразата кон хомосексуалните луѓе). Нашето општество нема првенствена потреба од списокот проблеми на ЛГБТ заедницата (лезбејките, гејовите, бисексуалците и транссексуалците), туку примарно е осознавањето и справувањето со еден сеопшт проблем кој не познава сексуална ориентација и идеологија: хомофобијата е трансидеолошки проблем, едновремено секојдневен и политички. Фактот што хомофобијата не е проблем на конкrетна идеологија не значи дека не e идеолошки проблем и проблем на државната политика. Едноставно, идеологијата зад хомофобијата се нарекува патријархат, а не социјализам или капитализам.
Аргументи за и против рамноправноста меѓу хетеро и нехетеросексуалните луѓе биле изложувани многупати досега. Овде не ги вклучувам „аргументите“ за лекувањето, истребувањето или затворањето во клиники, зашто тоа се аргументи кои се во центарот на самата форма на дебатата. Религиозните аргументи можам да ги земам предвид само во рамките на една дебата од која имаат интерес православните припадници на ЛГБТ заедницата, и тоа на ниво на богословска дебата, чија цел, пак, нема секуларна вредност. Тековните аргументи „за“ и „против“ ќе продолжат да кружат дури и откако ќе се постигне рамноправноста на ЛГБТ, и тоа е нормално. Во меѓувреме секојдневието, како и политиката, ќе останат исти. Едноставно, секојдневнието е активно хомофобично, а политичката класа – пасивна. Консензусот меѓу активната секојдневна и пасивната политичка хомофобија нема да престане доколку постојано не објаснуваме зашто хомофобијата е толку тежок политички проблем.
Овде нема да зборувам за конкретните социјални барања за рамноправност, туку за коренот на домашната и на јавната хомофобија во секојдневието. Тоа е проблем на целото општество и како таков, проблем е и на државата. А во сето ова најперверзно е тоа што, колку е попасивна државата, толку повеќе придонесува за проблемот. Законот за заштита од дискриминација беше првиот и досега последен чекор кој многумина ги вооружи со погрешниот аргумент дека тој ја промовира хомосексуалноста. Тој го следи (според моето и според „општото мислење“)спорното, но речиси безвредно криминализирање на говорот на омраза. Во двата случаи аргументот е погрешен, зашто ги меша превенцијата (од дискриминација) и промовирањето (на хомосексуалноста). Заштитата не е пропаганда. Пропагандата на хетеросексуалното мнозинство, пак, е директен напад врз ЛГБТ.
Коренот на сите проблеми на луѓето од ЛГБТ заедницата во секојдневието и во политичкиот амбиент се двата облици на омраза: хомофобијата и мизогинијата (омразата кон жените). Колку подобро ќе ја разбереме врската меѓу овие два вида омраза, толку појасно ќе ни стане дека борбата против нив претставува два паралелни процеси на еманципација од кои полза има целото општество. Ќе се обидам да објаснам.
Хомофобијата е мизогинија, таа е нејзина трансформација. Омразата кон хомосексуалните мажи всушност е омраза кон жените или, во најдобар случај,попустливост. Токму тоа треба да го разбереме – дека хомофобијата не е проблем на ЛГБТ, туку на сите нас.
Важно појаснување: овде најмногу зборувам за машката хомосексуалност, зашто нејзиното практикување го доведува во прашање статусот на власт на мажот и го претпоставува ослободувањето на жената од патријархалниот авторитет. Доколку живеам во патријархално општество – а бугарското има големи претензии да биде такво – тогаш тоа е голема опасност за системот на полова и општествена поделба. Женската хомосексуалност не е помалку важна, но таа е потчинета преку секундарна доминација и дискриминација, бидејќи е фетишизирана и патернализирана од доминантната машка фантазија. Таа е преработенаво служба на патријархатот. Ужасот на женската хомосексуалност е во тоа што таа е истовремено и патологизирана и сексуално злоупотребена.
Ниту едно пројавување хомофобија не може да се разбере без мизогинијата, која честопати се практикува и од самите жени, поучени од своите мажи да знаат каде им е местото.
Ако не постои ништо попонижувачко од тоа да си хомосексуален маж и да практикуваш анален и орален секс, тоа е само зашто за патријархалното машко сознание жената е пониско суштество, кое првин е потчинето сексуално, а потоа и социјално. Штом еднаш ќе се прифати, улогата на потчинета, понижена женственост им се припишува на хомосексуалните мажи, и поради тоа што аналниот секс е непродуктивен (а семејството отсекогаш било најголемиот капитал на патријархалната држава), и поради тоа што според патријархатот мажот не може да биде пасивен сексуален објект, туку само агресивен, продорен субјект на своите желби.
За патријархатот нема поголем ужас од тоа мажот да биде направен женствен, зашто тоа ја доведува во прашање неговата власт – односно, власта на машката класа. Жената треба да седи дома, зашто домот е аналогија на чесното, ако сакате – на аналното/вагиналното, а општеството е сфера на порозниот социум фалус, или царство на пенетрацијата. Патријархалното општество е организирано околу строгото разграничување „внатре/надвор“, кое ја определило улогата на жената како внатре, дома, во „приватното“. Штом еднаш ќе ги поженственат – според машките хетеросексуални стандарди – своите тела, хомосексуалните мажи комуницираат со понижувачката категорија „внатре“. Оттука и масовната заблуда дека сите хомосексуални мажи се женствени, која инаку не е никаков проблем.
Накратко: нема ништо пострашно од тоа мажот да биде жена. Тоа е пострашно дури и од самиот машки хомосексуален секс, зашто тој, доколку се чува во тајност, не ги укинува машките привилегии.
Ете зашто едно патријархално општество како нашето е секогаш мизогино, што значи дека тоа е и секогаш хомофобно, и обратно. Хомофобијата во Бугарија, како и насекаде, означува дека статусот на жените е многу низок, како симболно, така и социјално. Тоа, пак, од друга страна, значи дека борбата против хомофобијата е борба против мизогинијата, борба за рамноправност на жените и мажите – и обратно. Таа борба лежи надвор од сферата на правното (законите автоматски не ги менуваат карактерите), како и надвор од сферата на приватното. Тоа е секојдневна борба за опстанок, зашто двете омрази се реална политика за контрола над нашите тела. Во случајот на жените – од манипулација со абортусот до сексуализација или сакрализација на нивните тела; кај ЛГБТ – од насилно определување на биолошкиот пол на интерсексуалните луѓе, преку стравот од искажување блискост на јавни места до насилство при правото на слободно здружување.
Оној/онаа што ќе успее да разбере дека двата вида омраза – хомофобијата и мизогинијата – се политички, а не приватен, личен проблем, ќе разбере и дека тоа се антисоцијални предрасуди, насочени контра самото општество. Зашто,хомофобијата и мизогинијата ги држат потчинети душите и телата на маси граѓани, а оттука го држат потчинет и нивниот општествен потенцијал. Двата вида омраза како заложник го држат суштествувањето на најмалку половина општество, а надзорници се сите оние за кои власта се определува преку хетеросексуалното потчинување на жената, и оттука, на хомосексуалните мажи и жени.
Следува дека борбата против хомофобијата е борба против потчинувањето на жената. Сака ли општеството да ја држи под клуч сексуалноста на жените? Ќе одговорам кратко и јасно: ако одговорот е да, тогаш заклучена ќе биде и сексуалноста на ЛГБТ луѓето. Ако политиката подразбира постоење приватност, тогаш тоа се нашите тела, желби и чувства. Со или без поддршка на државата и на мнозинството, тие ќе си останат наши и со нив ќе правиме сѐ што сакаме: од абортуси, преку садомазохистички секс, до геј паради. Борбата против рамноправноста на луѓето од ЛГБТ заедницата е борба против фактичката рамноправност на жените и, следствено, борба против општествената рамноправност. Додека постои хомофобијата, рамноправниот статус на жената секогаш ќе биде под прашање. Така, двата вида омраза се проект на едно самоуништувачко општество, во какво што сакаат да живеат сè помалку луѓе.
Слики: Свирачиња
Автор: Станимир Панајотов, авторот е докторант по филозофија и родови студии и дел од тимот на центарот „Хаспел“ и на „Нови леви перспективи“.
Извор: Окно