Нападнат ЛГБТ Центарот за поддршка, повреден е полицаец!

Нападнат ЛГБТ Центарот за поддршка, повреден е полицаец!

Околу 40 маскирани лица вечерва го нападнале ЛГБТ Центарот за поддршка во Старата скопска чаршија а  при нападот е повреден и еден полицаец,  дознава Радио МОФ.
Нападот се случил на почетокот на „Неделата на гордоста“ која започна вечерва во 18:00 часот со проекција на филмови во ЛГБТ Центарот за поддршка.

 

Од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и ЛГБТ Јунајтед, организациите кои го организираат настанот, потврдуваат дека десетици маскирани лица со камења и шишиња го нападнале Центарот.

 

„Гостите на настанот преплашени се повлекоа во горниот дел од Центарот додека тие маваа со камења. Настана турканица во која дел од присутните паднаа на земја а беше повреден и еден од полицајците кои беа присутни“, велат оттаму за Радио МОФ.

 

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Борче Пешевски за Радио МОФ потврди дека во инцидентот бил повреден еден припадник на полицијата и додаде дека МВР е во потрага по сторителите.

 

Инаку, за денеска беше најавена „Контра геј парада“, која не се одржа. Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и Хелсиншкиот комитет поднесоа кривична пријава против анонимните организатори на овој настан.

 

Автор: К.О.

 

Преземено од Радио МОФ