19 Jun Реакција на соопштението на кабинетот на Претседателот Иванов
Зошто женските права и женското здравје не се правни аргументи за Претседателот Иванов?
Одлуката на Претседателот Иванов да го потпише указот за новиот закон за прекинување на бременост се заснова на целосно прилагодување со идеолошките убедувања и одлуките на администрацијата која го донесе наведениот закон. Во таа смисла, повикувањето на правните и стручните аргументи, сега, по донесената одлука за поддршката на законот, е непредметно.
ХЕРА ја прифати поканата на Кабинетот на Претседателот поради почитта кон институцијата Претседател на Република Македонија. Бевме зачудени што тимот на Претседателот не беше во тек со двонеделната расправа и покрај писмото од 72 македонски организации, 91 меѓународна организација и писмото од европратениците. ХЕРА ги изнесе истите аргументи кои беа истакнати за време на јавната расправа во Собранието на Република Македонија од Здружението на гинеколози и опстретичари, Здружението на приватни гинеколози, Светската здравствена организација и здруженијата на граѓани. Тие се однесуваа на нејасната причина за донесување на законот по итна постапка, отсуството ситуациона анализа и јавна дебата. Иако од наша страна беа изложени главните бариери за пристап до абортус, како писменото барање за абортус, советниците на претседателот ни посочија дека станува збор за про форма измени и дека Претседателот не може да стори многу за промена на законот. Дали за Претседателот Иванов сите закони во Македонија се про форма или само законите кои ги третираат и ограничуваат женските права?
Без намера за понатамошна дебата за сѐ она што беше потребно Претседателот Иванов да покаже став и да го врати законот непотпишан, повторуваме дека нашата енергија ќе ја насочиме кон претставки пред Уставниот суд. И токму Уставниот суд, времето што следи, гласачите и особено жените, изложени на дополнителни пречки и потценувања ќе бидат оние кои ќе ја оценат „правната оправданост“ на оваа одлука.
19 јуни 2013 година