08 Apr Промоција на публикацијата „Водич за човекови права и граѓански иницијативи за правата на ЛГБТ“
Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ и ЛГБТ Јунајтед- Македонија Ве канат на промоција на публикацијата „Водич за човекови права и граѓански иницијативи за правата на ЛГБТ“. Промоцијата ќе се оддржи на 10.04.2013 (среда) во 12.00 часот во ГЕМ клубот.
Публикацијата ќе биде промовирана од страна на Жарко Трајаноски, автор на публикацијата, Ирена Цветковиќ, координаторка на проектот „Граѓанска иницијатива за правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансродовите лица“ и Антонио Михајлов, активист од ЛГБТ Јунајтед-Македонија.
Публикацијата „Водич за човекови права и граѓански иницијативи за правата на ЛГБТ“ претставува јасен и едноставен прирачник чија цел е пред сè запознавање на читателите со основните права на ЛГБТ лицата, клучните поими и документи за човекови права и државните институции кои се одговорни за заштита на правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансродовите лица. Овој водич се труди да даде одговор на неколку клучни прашања:
– Како да препознаеме дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и како да се бориме против неа?
– Каде и како да се заштитиме од дискриминација, насилство и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет?
– Што значи концептот на еднакви можности за ЛГБТ лицата?
– Каде и како може да се покрене граѓанска иницијатива за правата на ЛГБТ?
Публикацијата „Водич за човекови права и граѓански иницијативи за правата на ЛГБТ“ е издадена од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“.