Мрежата за заштита од дискриминација го осудува настанот во Скопје Сити Мол

Мрежата за заштита од дискриминација го осудува настанот во Скопје Сити Мол

Членките на мрежата за заштита од дискриминација1 најостро го осудуваат настанот во трговскиот центар Скопје Сити Мол, чије раководството преку електронска пошта испратена до фирмата Land Service, на 9ти Јануари 2013 година, побара лицата припадници на ромската заедница да не бидат ангажирани на работни задачи за одржување на хигиената во одделот за храна.

 

Потенцираме дека Комисијата за заштита од дискриминација, која вчера преку соопштение го осуди настанот, треба во најкраток временски рок да постапи по предметот и преку свое мислење2, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, да утврди директна дискриминација врз расна и етничка основа, како резултат на која беше повреден личниот и моралниот интегритет, достоинството и угледот на лицата роми врабоетени во Land Service и нивната приватност и правото на достапност на секое работно место под еднакви услови. Комисијата за заштита од дискриминација треба итно да поведе прекршочна постапка, со која ќе утврди двојна одговорност за извршена дискриминација, како од страна на одговорното лице така и од страна на правното лице – трговскиот центар Скопје Сити Мол.

 

Соодветната реакција од релевантните институции во вакви моменти е од исклучително значење, бидејќи пропуштањето да се даде заштита на жртвите на дискриминација, особено на јавно обзнанетите дискриминаторски практики, може да резултира со обесхрабрување на жртвите да бараат зашита, а охрабрување на сторителите.

 

Затоа, го поттикнуваме и јавното обвинителство да се вклучи во случајот и да го истражи евентуалното постоење на кривична одговорност за расна дискриминација (член 417 од кривичниот законик) поради повреда на основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, сторена врз основа на разлика на раса, боја на кожа, националност или етничко потекло.

________________

Мрежата за заштита од дискриминација, преку Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, стапи во контакт со жртвите на дискриминација во споменатиот случај и им ја понуди својата правна и организациска помош во напорите да обезбедат правна заштита. Оваа мрежа има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација.

 

2 Член 24 од Законот за спречување и заштита од дискриминација

 Надлежности на Комисијата: 

1) постапува по претставки, дава мислење и препораки за конкретните случаи на дискриминација; 

 

 Член 28

(1) Комисијата дава мислење за наводната дискриминација во рок од 90 дена од денот на поднесувањето на претставката и за тоа го известува поднесувачот и лицето против кое е поднесена претставката.

(2) Со писменото мислење, а по утврдената дискриминација, Комисијата препорачува начин на отстранување на повредите на правото.

(3) Лицето на кое препораката е упатена, е должно да постапи по препораката и да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена од денот на приемот на препораката, како и за тоа да ја извести Комисијата.