Има ли „зависници од болести“?

Има ли „зависници од болести“?

Пишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

 

Верувале или не, неодамна, повеќе медиуми објавија информација дека  „во Домот за зависници во Кисела Вода, лицата зависни од болести се третираат со метадонска терапија“. Информацијата за „лицата зависни од болести“ е пренесена и од МТВ, а преземена е од веста на МИА – Дислокација на Домот за зависници во Кисела Вода, на негово место поликлиника.

Кога толку многу медиуми ќе објават информација дека постојат „лица зависни од болести“ и дека таквите лица „се третираат со метадонска терапија“, тогаш логично е да се постават прашањата: Дали некој(а) од оние што ја произвеле и пренеле оваа вест се запрашал(а) како ќе се чувствуваат пациентите кои се на метадонска терапија, кога ќе ја прочитаат својата нова дијагноза – „лица зависни од болести“? Од кои тоа болести се зависни „лицата зависни од болести“ (страв ми е да почнам да набројувам)? Најпосле, со каква „терапија“ треба да се третираат новинар(к)ите – „зависници“ од агенциски вести? Може ли да се минимизира штетата предизвикана од copy-paste „вирусот“ – „лицата зависни од болести“?

 

Игнорирање на безгласните

 

„Овозможете да се чуе гласот на безгласните – и официјалните и неофицијалните извори на информации можат да бидат подеднакво валидни“ (Новинарски кодекс)

 

Претпоставувам, би имало жестоки реакции во јавноста кога некој министер или политичар би излегол со идеја за дислоцирање на „домот на новинари-зависници од агенциски вести“ на максимално безбедни локации, кои  „нема да бидат во близина на училишта, градинки или места каде има поголема фреквенција на малолетници“. Верувам, слични реакции би имало и за идејата за „дислоцирање“ на центрите за дијализа, или дневните центри на лица со посебни потреби, центрите за итна помош, центрите за трансфузија, центрите за дарување на крв… Но, зошто нема никаква реакција во јавноста откако Министерот за здравство и кандидатката за градоначалничка на Кисела Вода заедно излегоа со идеја за дислоцирање на „Домот за зависници“ (во кој, наводно, се лекуваат „лица зависни од болести“)?

 

Зошто новинар(к)ите не ја доведоа под прашање идејата за „дислоцирање“ на една група пациенти од здравствена установа (најавена како идна поликлиника) како можна дискриминација врз основа на здравствен статус? Зошто не ја испочитуваа етичката заповед  и не овозможија да се чуе гласот на безгласните? Зошто упорно ги игнорираа оние кои се најзасегнати од приказната – пациентите кои се на метадонски третман, лекарите од центарот, здруженијата на граѓани за намалување на штети, здруженијата за права на пациенти и за човекови права?

 

Некритички пристап кон предизборното државно-партиско „партнерство“

 

Уште еднаш,  најголем дел од новинар(к)ите заборавија на етичкиот императив за критичко следење на политичките процеси. Не го поставија критичкото прашање: Зошто проектот се обелоденува неколку дена пред изборниот молк, кога „Станува збор за проект што треба да се реализира во текот на идната година“? Не се постави ни прашањето: Што бара министерот за здравство во работно време, како претставник на државна структура, заедно со партиската кандидатка за градоначалничка, во државна здравствена установа? Зарем не е тоа очебиен случај на „недоволно одделување на државните од партиските структури“? Повеќето медиуми известија дека „Средствата за реализација на проектот ќе бидат обезбедени од Здравствениот дом во Скопје“. Но, иако „дислокација на Центарот за наркозависници“ е најавена и во програмата на кандидатката, никој од медиумите не го постави прашањето: Дали најавата на министерот дека ќе бидат потрошени државни пари за остварување на програма на кандидат за избори не е случај на „злоупотреба на државни ресурси за цели на кампањата“?

 

Социјално исклучување на маргинализираните

 

Речиси сите медиуми ја претставија „дислокацијата на центарот“ и пациентите што се лекуваат во него како придобивка за општината и за граѓаните и како решение на долгогодишен проблем. Како беше дефиниран проблемот од страна на актерите кои се јавуваат како извори на информации во приказната?

 

Според министерот, проблемот се состоел во тоа што имало преголема концентрација на зависници на едно место, а одлуката за дислокација, иако „среде изборна кампања на локални избори“, била донесена на барање на жителите на општината: „Идејата е да немаме голема концентрација на лица коишто имаат болест на зависности на едно место.“ Никој од присутните новинари не му постави прашање на министерот надлежен за лекување и ресоцијализација на зависниците од дрога: Кој е одговорен што толку години не се отвораат центри за лекување, па „има голема концентрација на лица коишто имаат болест на зависности на едно место“?  Според кои стандарди, стратегии и програми, никако не треба да се дозволи местата каде што се лекуваат зависниците да бидат „во близина на училиште, градинка, или таму каде што има поголема фреквенција на малолетници“?

 

Како медиумите ги претставија жалбите на граѓаните? Некои укажаа дека граѓаните „живееле во страв поради секојдневното присуство на зависници од дрога“. Некои констатираа дека „да се живее во близина на Центар за зависници е вистински хорор.“ Во транскрипцијата на изјавата на еден граѓанин изразот „грозна слика“ е заменет со зборот „ужас“. И други медиуми испратија драматична порака дека децата се загрозени од центарот: „Жителите со години апелираат да се дислоцира центарот, бидејќи нивните деца се загрозени.“ Беше пренесена и поплаката на еден граѓанин:

 

„Верниците не можат да поминат од тука, од досега што беа зависниците“.

 

Со ваквиот стереотипизирачки начин на претставување на сите пациенти, повеќе медиуми учествуваа во создавање негативен имиџ на цела одредена група, газејќи ги принципите на етичкото новинарство. Со употребата на дискурси на страв и на шок и со игнорирање на пациентите и нивните здруженија повеќе медиуми испратија социјално исклучувачки пораки.

 

Минимизирање на штетите

 

Новинарите и активистите од здруженијата на граѓани кои работат со корисници на дрога споделуваат сродни етички начела. Новинарски императив е „минимизирајте ја штетата“, а активистите за човекови права на корисниците на дроги постапуваат согласно принципот на „намалување на штети“ (harm reduction).

 

Новинарите се должни кон учесниците во збиднувањата кои ги покриваат да се однесуваат како кон човечки суштества кои заслужуваат почит. Должни се да покажат човечност кон лицата што се можеби неповолно засегнати од покривањето на веста. Но, дали новинарите покажаа почит и елементарен капацитет да ја препознаат и минимизираат штетата?

 

Најголем дел од новинарите го претставија „домот за зависници“ како штетен за граѓаните, а неговото „дислоцирање“ и пренамена во поликлиника како корисно за граѓаните и општината. Дел од новинарите воопшто не се однесуваа со почит кон пациентите. Го игнорираа и проблемот дека значителната бројка на пациенти се должи на фактот што Министерството за здравство сеуште нема отворено центри за лекување во сите скопски општини. Новинарите не покажаа ниту трошка емпатија кон пациентите кои се принудени секојдневно да патуваат од други општини, затоа што во нивната општина не се обезбедени услови за лекување. Ниту еден новинар не ги покрена прашањата: Каде точно ќе се лекуваат пациентите? Зошто Министерот за здравство не обезбеди прво услови за лекување на сите пациенти кои се зависни од дрога во секоја скопска општина, па дури потоа да најавува пренамена на центарот каде се лекуваат?

За жал, новинарите не препознаа поттикнување на дискриминација кое може да нанесе сериозна штета и во предизборното ветување на кандидатката за градоначалничка на Кисела Вода.  Во нејзината програма експлицитно „Се предвидува дислокација на Центарот за наркозависници на потегот на индустриската зона“. Иако самото преименување на медицинскиот центар во „Центарот за наркозависници“ може да се толкува како дискриминаторски чин, ниту еден новинар не ги покрена прашањата: Зошто кандидатката употребила стигматизирачки термини во својата програма? Дали дислокација на центар во кој се лекуваат пациенти на потег на индустриска зона е чин на социјално исклучување? Дали отворањето на медицински центри е прашање за кое е надлежна општината, или пак министерството за здравство?

 

Поголем дел од медиумите само делумно ја објавија изјавата на кандидатката за градоначалничка, дадена во придружба на министерот за здравство: „Со сета должна почит кон оние што ги користат услугите во овој дневен центар, но сметам, на ниво на општина, дека секоја општина треба да си се погрижи за таа категорија на луѓе и да си ги прибере во својата општина.“  Понатаму, таа истакнува:

 

“Во случајов, ние би добиле со самата дислокација на овој дневен центар, би добиле место, каде што конечно би добиле и поликлиника.“

 

И повторно, никој не се осмелува да го постави најлогичното прашање: А зошто во новата поликлиника не е предвидено да се лекуваат и лицата кои се на метадонска терапија? Зошто, „со сета должна почит“, кандидатката ветува дека ќе ги дислоцира од идната поликлиника?

Во случајов, кандидатката за градоначалничка доби медиумски публицитет и отворена поддршка од министерот за здравство за ветување од нејзината изборна програма, иако истото е во надлежност на министерот за здравство. Тоа го потврди и самата укажувајќи во едно интервју „дека центарот за зависници ќе биде дислоциран тоа ми е потврдено од министерот за здравство“.  Но, ниту еден новинар не го доведе под прашање нејзиното предизборно ветување за „дислокација на Центарот за наркозависници на потегот на индустриската зона“. Ниту еден новинар не го постави прашањето зошто Министерството за здравство дава отворена поддршка на партиски кандидати, во екот на предизборна кампања?

 

За жал, наместо да ја минимизираат штетата кон пациентите, повеќето новинари ја зголемија. Не само со погрешната дијагноза „лицата зависни од болести“, туку и со некритичко пренесување на дискриминаторски и социјално исклучувачки пораки, со зајакнување на негативни стереотипи, предрасуди и митови, и со игнорирање на злоупотребата на службената положба на министерот за партиски цели.

 

Извор: http://mediumi.kauza.mk/2013/03/22/ima-li-zavisnici-od-bolesti/#more-641

 

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).