14 Feb Тројна промоција во ЛГБТИ центарот за поддршка
Центарот за поддршка на ЛГБТИ заедницата одржа промоција на новата веб страница http://www.lgbti.mk, публикацијата за родители и семејства „Нашите синови и ќерки“, како и двата извештаи за правата на ЛГБТИ луѓето во Македонија.
На промоцијата присуствуваа Амбасадорката на Кралството Холандија, Марија Хенриете Шурман, извршната директорка на Македонскиот Хелсиншки Комитет, Уранија Пировска, Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот, Кочо Андоновски и други поддржувачи и соработници на Центарот.
Холандската амбасадорка Марија Хенриете Шурман истакна дека секое општество мора да се бори за еднакви права и можности за сите граѓани.
„Кога се подготвував за денес, се сетив на зборовите на Претседателот на САД, Барак Обама кога во неговиот инаугурациски говор рече дека нашето патување не е комплетно, се додека нашите геј браќа и сестри не се еднакви со сите други. Овој век е за тоа, да си помогнеме на себеси за да ги надминеме предрасудите и диверзитетот да го претвориме во сила, а не во фактор за поделби, како и да ги зголемиме разбирањето, толеранцијата и прифаќањето на сите луѓе“, рече амбасадорката Шурман.
Директорот на ЛГБТИ Центарот, Кочо Андоновски ја презентираше новообјавената интернет страна на Центарот истакнувајќи дека е важен инструмент за поврзувањето на самата заедница и информирањето на пошироката јавност за ЛГБТИ прашањата.
Извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска порача дека отварањето на Центарот е мотив да се продолжи борбата за есенцијалните права на сите луѓе, кои се директно поврзани со правото на живот.
„Верувам дека ова е вториот чекор кон она што значи видливост, токму денес кога ја промовираме нашата веб страна, Центарот ќе го добие потребниот инструмент за да стане достапен за сите“, додаде Пировска.
По претставувањето на двата извештаи, изработени во рамките на ЛГБТ Центарот, на присутните им се обрати и една мајка на лице од ЛГБТИ заедницата, која го претстави прирачникот за родители и зборуваше за своето искуство, најавувајќи ја новооформената група за поддршка на родители на ЛГБТИ луѓе.
Преземено од: http://www.radiomof.mk/