Отворено писмо на сексуална работничка до иницијаторите за легализација на протитуцијата

Отворено писмо на сексуална работничка до иницијаторите за легализација на протитуцијата

Сексуална работничка испрати писмо во која ја изразува својата поддршка на пратениците Нано Ружин, Есад Рахич, Самка Ибраимовски и Тодор Петров кое претставуваат иницијатори за поднесување предлог-закон за легализација на сексулната работа во македонскиот Парламент. Целосниот текст на писмото можете да го прочитате во продолжението на овој текст:

 

„Почитувани господа Тодор Петров и Нано Ружин (први пратеници во борбата за легализација на проституцијата) и Самка Ибраимовски, Иван Анастасовски и Есад Рахиќ (пратеници со сериозен обид да внесат предлог-закон во Собранието за легализација на проституцијата),

 

 

се викам Мила. Сексуална работничка или народски кажано “проститутка” со фини облини, кежуал стил на облекување (иако знам дека ме замислувате во тесен црвен минич и 13-ка црвен лак потпетица). Навидум и не сум толку кротка и мила. Општественото живеење полно со жигосувања, тепања, клевети, закани и уцени, ме направи да бидам остра, најчесто самокритична не само кон своето облекување, туку кон целото свое општествено однесување.

И додека низ интернет пребарував да прочитам нешто за било какви евентуално презмени чекори од страна на политичари, академици, професори, социолози, правници во однос на подобрување на општествениот статус на девојките како мене,

 

 

Почитуван господине Ибраимовски, Вам Ви се обраќам!

 

Ви се обраќам да Ви ја дадам целата поддршка која ја барате од Вашите колеги во Собранието за изгласување закон за легализација на проституцијата, изнесена преку текст со наслов “Трет обид за легализација на проституцијата” во дневниот весник Вест, на 24.08.2011 година.

 

Додека Вашите колеги и јавноста со исмејување го прифатија Вашиот предлог, јас Ви се обраќам, јас Ве охрабрувам. Додека Вашите колеги и јавноста Ве исмејуваа, го исмејуваа и моето општествено постоење. Ме исмејуваа мене во обидот да го нахранам своето малечко девојче, да се нахранам себеси. Иако поддршката за реализација на вашата идеологија за општествено одговорна Македонија не дојде од онаму од каде што најмногу ја очекувавте, еве ја таа доаѓа со две години задоцнувања. И доаѓа од вистинско место – Ви се обраќа проститутка. Проститутка која би сакала да се види на Вашите политички агенди.

 

Почитувани Тодор Петров, Нано Ружин, Иван Анастасовски и Есад Рахиќ,

 

Ви се обраќа Мила, проститутка од соседството. Ја поздравувам Вашата идеологија за општествено одговорна Македонија, за Македонија без насилство, за безбедна Македонија, за плодна и со полни буџети Македонија. Ја поздравувам Вашата иницијатива, меѓутоа поздравувам и иницијатива за депенализација на проституцијата – иницијатива која ќе ме заштити од долгогодишното бесплатното пенетрирање на полицијата. Уморна сум веќе од тоа!

Но, неуморна за да се откажам од професијата и да се преквалификувам во категорија во која ниту сакам, а ниту би се снашла. И, не сме ние жртви на трговија со луѓе! Пренесете им ја оваа порака на Вашите собраниски колеги во чест на поддршката и поздравот кој што Ви го испраќам, Вам почитувани! И се восхитувам на Вашата идеологија, Ви честитам за напорите за вистински цивилизирана Македонија, за улица на црвените фенери како што заслужува нашето Скопје. Многу луѓе го наоѓаат мирот таму. Многу лица со било каков облик на физички недостаток, своето право на сексуално изразување го наоѓаат токму таму! Единствено ние “дамите на ноќта” сме изгубени во незаштитеноста и нередието на калдрмата во центарот на Скопје!

 

Ви се обраќам со најискрена желба дека Вашата високо развиена свест во блиска иднина ќе прерасне во заразен вирус низ македонската јавност за конечно да сфати дека луѓето во суштина се сите исти и никој, ама баш никој, не заслужува да биде роб на сопствениот избор, поради кој ќе биде стигматизиран и ќе трпи насилство. Ве поздравувам од студената Виена, престолнина во која многумина Австријци ги уживаат женските атрибути на “Македонско девојче”. Наскоро се враќам повторно на калдрмата!“