01 Feb Реакција за насловната страница на „Вечер“: „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“
Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ – Скопје најостро го осудува дискриминаторското однесување на весникот „Вечер“, како и продолжувањето на хомофобичната кампања, овојпат против новинарите.
Во непотпишаниот напис „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“ (објавен на насловната страница и на електронското, и на печатеното издание на „Вечер“), медиумот е злоупотребен не само за пресметка со личности-колеги, туку и за свесно поттикнување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација, за вознемирување на маргинализирана група, за понижувачко постапување и повреда на достоинството на група лица, за сензационалистичка повреда на правото на приватност, за виктимизација на новинари кои јавно ја осудиле хомофобијата, и за поттикнување на говор на омраза од страна на читателите (преку коментарите).
Во дискриминаторскиот напис, „Вечер“ се обидува да изложи на јавен срам новинари, наводно, затоа што се истакнале во кампањата за „геј (сексуална) парада во Скопје“. Покрај неоснованите напади и обиди за сексуално оцрнување на новинари кои „забележително имаат отпор кон жените“, „Вечер“ упатува покана и до читателите: „да ни посочат имиња на новинари кај кои забележале вакви појави и евентуално да ни пренесат нивни искуства“. Практично, „Вечер“ започнува да прави листа на „новинари-хомосексуалци“, објавувајќи фотографии на тројца новинари, со повик до читателите да се придружат во составувањето на таквата листа: „Листата е отворена, повелете придружете се.“ Со ваквата покана, со умисла, „Вечер“ ги поттикнува читателите да прават кривични дела, односно, да ја повредуваат сексуалната приватност на новинарите, со изнесување лични прилики преку средства за јавно информирање (чл. 174 ст. 2 од КЗ). А според чл. 23 ст. 1 од КЗ, „Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот.“
Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ – Скопје потсетува дека Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) се применува во сферата на јавно информирање и медиуми (чл. 4, ст. 1, ал. 6), и дека „Дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување…“, а дискриминаторско однесување и постапување е „секое активно или пасивно однесување на секое лице… кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на која било од дискриминаторските основи;“ (чл 5, ст. 3 и 4).
Исто така, нагласуваме и дека Комисијата за заштита од дискриминација ја признава сексуалната ориентација како основ за дискриминација, и покрај тоа што не е експлицитно наведена во законот.
Со написот „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“ „Вечер“ започнува хајка против новинари обидувајќи се да ги стигматизира како „хомосексуалци“. Со ваквиот обид за делегитимизација преку стигматизација, медиумот ја злоупотребува сопствената позиција на моќ експлоатирајќи ги негативните стереотипи и предрасуди против хомосексуалците и мобилизирајќи ги ирационалните стравови од хомосексуалноста. Изборот на машката „хомосексуалност“ како средство за делегитимација и стигматизација воопшто не е наивен. Со тоа, се одржува патријархалната предрасуда дека најлошата работа во македонското општество е да бидеш хомосексуалец, или да бидеш етикетиран како хомосексуалец.
Со написот „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“ се повредени и неколку членови од Кодексот на новинари на ЗНМ – Чл 7, Чл. 10, и Чл. 16.
Ја повикуваме Комисијата за заштита од дискриминација да поведе постапка по службена должност против „Вечер“, поради продолжено дискриминациско постапување, поради повреда на достоинството на група лица (вознемирување), поради повикување и поттикнување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација (со повикот на „Вечер“ до граѓаните да се вклучат во правењето на дискриминаторски листи на „новинари-хомосексуалци“), поради поттикнување на граѓаните со умисла да извршат кривично дело (јавно изнесување на лични прилики, како што е сексуалната ориентација), како и поради поттикнување и објавување на говор на омраза кон хомосексуалците и новинарите (во коментарите објавени под написот во електронското издание на „Вечер“).
Исто така, јавно протестираме поради непостапувањето од страна на Комисијата за заштита од дискриминација, која со месеци се нема изјаснето за нашите претставки против дискриминаторската хомофобична кампања од страна на „Вечер“, која кулминираше со последователното објавување на четири сензационалистички и дискриминаторски насловни страници во октомври 2012. Непостапувањето од страна на Комисијата за заштита од дискриминација против „Вечер“ може да се толкува не само како охрабрување на неговите уредници да продолжат со хомофобични дискриминаторски кампањи, туку и како соучесништво во продолжената дискриминација врз основа на сексуална ориентација.
Ги повикуваме сите медиуми и новинари во Република Македонија (оние што преостанаа), да се држат до новинарските кодекси и до професионалните стандарди, кои подразбираат почитување на достоинството на сите граѓани и отуство на сензационализам, кога станува збор за правата на припадниците на маргинализираните групи. Со жалење констатираме дека сензационалистичкиот дискриминаторски напис „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?!“ предизвика повеќе медиумско внимание, отколку жалната вест дека Македонија забележа пад од цели 84 места (во последните 4 години), на индексот за слобода на печатот на „Репортери без граници“.