Поддршка за Пинар Селек – обвинувањата мора да престанат

Поддршка за Пинар Селек – обвинувањата мора да престанат

Неколку активисти од Македонија се обединети за поддршка на Пинар Селек, социолог, истражувач и писателка од Турција, која повеќе од 14 години се наоѓа во лавиринтот на судството во Турција.

 

Измачувана поради својата истражувачка работа, неправедно обвинувана, неколку пати ослободувана и повторно враќана во судницата, се’ уште постојат шанси Селек да биде осудена на доживотен затвор.

 

Одбивајќи да ги даде имињата на лицата со кои правела интервју за нејзиното истражување за прашањето на Курдите во Турција, Селек била измачувана, а процесот бил прикриен со лажни извештаи и дополнителни обвинувања за други случаи, во кои постојат докази дека е неправедно обвинета.

 

Ваквата постапка е директно прекршување на нејзините права, обид за разбивање на нејзините залагања за човековите права и поконкретно правата на жените, нејзината работа со деца од улица, сексуални работнички, хомосексуалци, транссексуални лица и други малцинства. Ова е напад врз заложбите за мир и антимилитаризам. Не смееме да дозволиме оваа неправда да се случи.

 

Затоа, на 24 јануари 2013, на следното судско рочиште, ќе ја дадеме нашата поддршка за Пинар Селек, заедно со голем број организации од целиот свет. Да ѝ помогнеме на Селек да се избори за својата правда, за своите права и правата на сите луѓе за кои таа се залага!