Поддршка за руските активисти во борбата против членот 6.13.1

Поддршка за руските активисти во борбата против членот 6.13.1

Денеска руската Дума ќе ја разгледува федералната забрана на таканаречената „хомосексуална пропаганда“ – членот 6.13.1 со кој се прекршуваат основните човекови права на слобода на јавно собирање и изразување, како и правото на барање и дистрибуција на информации.

 

Со законот се загрозуваат не само активностите на бранителите на човекови права, туку и генерално благосостојбата и животите на ЛГБТ лицата кои ќе бидат подложени на уште поголемо насилство и дискриминација поради институционализираната стигматизација.

 

Денеска активистите на руската ЛГБТ мрежа ќе одржат акции во неколку руски градови во знак на протест против членот 6.13.1 и ќе одговарат на негативното етикетирање на ЛГБТ лицата од страна на политичарите.

 

Македонската ЛГБТ организација „ЛГБТ Јунајтед“ во свое соопштение ги повика сите македонски граѓани да дадат подршка на руските активисти:

„Денеска руските ЛГБТ активисти во различни градови во Русија и ЛГБТ активисти од целиот свет ќе излезат на улиците во знак на протест против новиот амандман, членот 6.13.1, во рамките на законот за административни прекршоци на Руската Федерација со кој се воведува административна одговорност за таканаречена “хомосексуална пропаганда“. Дадете ја и вие својата поддршка на ЛГБТ лицата од Русија со повик на Руската Амбасада во Скопје. Кажете СТОП на амандманот 6.13.1! “ – се вели во соопштението.