Кукавички потег на театарот Гавела

Кукавички потег на театарот Гавела

Директорот на театарот Гавела, Дарко Стазиќ, се одлучи на кукавички потег повлекувајќи го плакатот од употреба за претставата „Фини мртви девојки“, откако верскиот портал Битно.нет се пожали дека содржината ширела омраза кон христијаните, а организацијата Вигиларе повика на протестна е-мејл акција.

 

„Беше вршен невиден притисок од страна на една организација, која преку своите веб страници повикуваше на масовен протест поради театарскиот плакат за претставата „Фини мртви девојки“, не само кон градскиот драмски театар Гавела, туку и на другите институции поврзани со театарот, како и на нашите соработници и спонзори. Тоа допринесе раководството на градскиот драмски театар Гавела да донесе одлука да го повлече спорниот плакат од употреба“- се вели во соопштението на Стазиќ.

 

Но, се чини дека директорот Стазиќ, освен писмата во кои се повикува на бојкот, судејќи според реакциите на Фејсбук, ќе добие и писма во кои се изразува негодување во врска со овој потег. Едно од таквите писма напиша и филмската критичарка и писателка Мима Самиќ во кое се вели:

 

„Го разбирам притисокот со кој се соочивте, но апсолутно е недопустливо демократијата и уметноста да подлегнат на притисоците на оние кои немаат никаква врска ниту со културата ниту со демократијата – а пак со политиката најмалку би требале да имаат.

 

Апсолутно сум восхитена од плакатот за претставата – тој е добро смислен, паметен и полн со љубов спрема ближниот – која всушност претставата преку своите трагични импликации ја истражува. Затоа поради кукавичлукот кој го покажавте како личност и како институција, ова претставува големо разочарување за мене кое јасно дава до знаење дека културата во Хрватска нема ниту храброст, ниту воља да допринесе за демократските процеси за кои би требало да биде главниот потикнувач. Имавте можност на бранот на јавниот интерес да промовирате уметност, па и човекови права, но таа можност ја претворивте во дебакл на демократијата. Вашиот потег ја срамоти целата хрватска културна сцена“.

 

Извор: Х-алтер