22 Oct Сексуална работа
Тргнувајќи од наведеното, во развојот на студии, програми и политика за сексуалната работа, пред сé, се тргнува од усвојување на речник и термини кои не стигматизираат и етикетираат, не се занимаваат со моралната страна на појавата, туку се сведуваат на опишување на реалните искуства и однесувањето.
Притоа, приоритет се дава на самите оние кои се вклучени во сексуалната работа, на тоа како тие самите се перцепираат во таа улога и како тие ги дефинираат сопствените искуства. Така, терминот проститутка е заменет со сексуален/на работник/чка, бидејќи самите лица, вклучени во сексуалната работа, него го чувствуваат како помалку стигматизирачки и велат дека тој подобро ги опишува нивните искуства.
Термините комерцијална сексуална работа и комерцијален сексуален работник (КСР), всушност, "се исковани од самите сексуални работници со цел да го редефинираат комерцијалниот секс, не како социјална или психолошка карактеристика на една група жени, туку како приходна дејност или форма на вработување на жените и мажите. Како такво може да биде разгледувано како и другите форми на економска активност. Работната/економската перспектива на сексуалната работа е неопходна за нејзиното внесување во сите меинстрим дебати за човековите, женските и работничките права на локално, национално или интернационално ниво".
Што се однесува на дефинирањето на сексуалните работници како општествена категорија/група, исто така постојат различни пристапи и дефиниции, кои ставаат акцент на полот, возраста, дали е тоа повремена или постојана активност, дали е единствен извор на егзистенција и слично. УНАИДС во извештајот "Сексуална работа и ХИВ/СИДА" од 2002, сексуалните работници ги дефинира како:
"Жени, мажи и трансексуалци (возрасни и млади лица), кои добиваат пари или други материјални добра во замена за сексуална услуга, тоа го прават редовно или повремено и кои можат, но и не мораат таквите активности да ги дефинираат како единствен извор на егзистенција"