Коалицијата продолжува со нудењето правна помош, психолошко советување и документирање на случаи на дискриминација

Коалицијата продолжува со нудењето правна помош, психолошко советување и документирање на случаи на дискриминација

Како и во текот на последните четири години, Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ и годинава продолжува со нудењето на правна помош во форма на совети и застапување за лица кои имале искуство на дискриминација или прекршување на сексуалните и здравствените права, а врз основа на нивниот статус на припадници на маргинализирани групи, вклучително и сексуална ориентација и родов идентитет.

 

Паралелно, Коалицијата продолжува со процесот на документирање на случаи на прекршување на сексуалните и здравствените права на корисниците на дроги, лицата кои живеат со ХИВ, сексуалните работници/чки и ЛГБТИ лицата. Документирањето се врши врз основа на веќе изготвена методологија и од страна на лица обучени за истото. Дискрецијата и анонимноста во процесот на документирање за нас претставува основен императив при работата со случаи кои тоа го бараат. Основните податоци од процесот на документирање, заедно со годинешниот мониторинг на политиките, законите, медиумското известување и позициите на политичките субјекти во контекст на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, се вклучуваат како интегрален дел во Годишниот извештај за состојбата со СЗП на МЗ, кој го изготвува Коалицијата секоја година, а чијашто основна цел е да претставува алатка за застапување и известување.

 

Од оваа година Коалицијата обезбедува и психолошко советување и други услуги за ЛГБТИ лица. За нудењето на овие услуги обезбедени се еден реномиран клинички психолог и реномиран психијатар од Македонија, а кои во своето досегашно работење имаат покажано исклучителна сензитивност, знаење и професионалност во работата со ЛГБТИ лица.

 

Сите оние кои сметаат дека имаат потреба од некоја од посочените услуги, или кои имале искуство на прекршување на нивните права врз основа на некоја од погоре наведените основи и кои сакаат тој случај да биде документиран, можат да се обратат во Коалицијата на телефон: 2 3214 269, или директно во нашата канцеларија на Партизански одреди 23-1/7.

 

Со почит,

Тимот на Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’.