Реакција по повод доделувањето благодарница на Вечер

Реакција по повод доделувањето благодарница на Вечер

Две недели по извештајот на Европската комисија за Македонија во кој беа упатени сериозни забелешки по однос прашањето на недискриминација во земјата (посебно околу дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација), Претседателот на Р.М, Ѓорге Иванов му врачи благодарница за посебни заслуги во борбата против дискриминација на весникот и човекот кои во Македонија веќе со традиција го шират најопасниот говор на омраза кон хомосексуалците, Албанците и сите маргинализирани заедници. Да потсетиме, во својата популистички ориентирана предизборна кампања, Иванов го негираше постоењето на дискриминација врз нехетеросекуалците во Македонија и тврдеше дека истите се саможигосуваат.

Уште позагрижувачки е фактот дека оваа благодарница беше доделена од страна на организација која е еден од основачите на Сојузот “Македонија без дискриминација“, во рамки на изложба на фотографии на тема Македонија без дискриминација, организирана во партнерство со Центарот за човекови права и разрешување на конфликти, Македонскиот центар за меѓународна соработка и Министерството за труд и социјална политика.



Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници смета дека гест од ваков вид ги доведува сериозно под прашање сите долгогодишни заложби на цивилниот сектор и медиумите во борбата против дискриминација и говор на омраза.
Во случајов, особено загрижувачки се индикациите за политичка и медиумска манипулација.

Останува отворено прашањето: Зошто му се даде можност на човекот кој го негираше насилството и дискриминацијата врз една од најмаргилизираните групи во Македонија да доделува награда и благодарница за промоција на недискриминација? Уште пострашно, благодарницата му ја додели на човек кој бескрупулозно шири говор на омраза, го прекршува основниот етички кодекс на новинарската професија и кој се потсмева со аспирациите на Македонија за влез во ЕУ, истовремено девалвирајќи ги принципите на недискриминација.

Коалицијата бара од инволвираните организации јавно да им се извинат на сите граѓани кои се почувствувале како жртви на дискриминација или се нашле непосредно повредени од говорот на омраза кој систематски се негува во „Вечер“, особено од Драган Павловиќ – Латас, кој пред само две години беше прогласен за најхомофобична личност во државата. Упатуваме апел до сите релевантни инстанци најитно да ги преземат сите неопходни мерки за законска регулација на прашањето за ширење на говор на омраза и соодветно да реагираат на сите видови на дискриминација и медиумско ширење на говор на омраза.