31 Jul Словенија дозволи посвојување деца на геј парови
Словенија стана првата земја од поранешна Југославија во која на истополовите заедници им е овозможено да посвојуваат деца, пренесуваат словенските медиуми.
Министерството за работа, фамилија и социјални прашања донело одлука една неименувана жена да може да ја посвои тригодишната биолошка ќерка на својата партнерка.
Историската одлука е во склоп на неодамна усвоениот Закон за семејство. Одлуката на министерството во Љубљана следи откако љубљанскиот Центар за социјални прашања го одбил барањето на жената која сакала да го посвои детето на својата партнерка бидејќи за ова „немало правен основ“.
Поради ова лезбејскиот пар одлучил да поднесе тужба, наведувајќи како пример хетеросексуалец на кој му било овозможено да посвои дете од својата партнерка. Како аргумент, тие навеле дека спротивната одлука би значела дискриминација врз основа на сексуалната ориентација, пренесува „Ало“.
„Во постапката неколку пати се покажа дека овој вид посвојување е апсолутно во најдобар интерес на детето кое живее во ваква заедница и која му гарантира соодветно семејно опкружување, сигурност и поддршка, а тие се клучни за развојот на детето“, се наведува во објаснувањето на одлуката на Уставниот суд.
Детето на двете партнерки е зачнато со вештачко оплодување. Претходно надлежните одбија да дадат родителски права и на двајца Словенци – мажи, кои се венчале во Америка каде со помош на сурогат мајка добиле дете.
Во Словенија во истополни семејства моментално живеат околу стотина деца кои немаат еднакви права како децата на хетеросексуалните родители, пишува „Ало“.
Извор: Макфакс