18 Jun Охрабрувачки развој во ОН
За прв пат e усвоена резолуција за сексуална ориентација и родов идентитет од страна на Советот за човекови права при Обединетите нации.
Женева,17 јуни 2011- Во согласност со принципите на Универзалната декларација за човекови права, Советот за човекови права при Обединетите нации донесе резолуција за кршење на човековите права врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Резолуцијата, презентирана од Јужна Африка, заедно со Бразил и 39 дополнителни ко-спонзори од сите региони на светот, беше усвоенa со дваесет и три гласа во корист, деветнаесет против и три воздржани.
Во својата презентација пред Советот, Јужна Африка повика дека во Универзалната декларација за човекови права е истакнато дека “секој човек ги поседува сите права и слободи, без разлика од каков било вид”, а Бразил го повика Советот да ги “отвори долго затворените врати на дијалогот”.
Оваа резолуција преставува првата резолуција на ОН со која се става посебен акцент на кршењето на човековите права врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и е во согласост со заедничкото соопштение за овие прашања донесено на седницата на Советот минатиот март. Таа ја потврдува универзалноста на човековите права, и нејзините забелешки се однесуваат на актите на насилство и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Оваа посветеност на Советот за човекови права испраќа важен сигнал за поддршка на борците за човековите права кои работат на овие прашања, и ја признава легитимноста на нивната работа.